fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Сточарството на колена, одгледувачите на овци си ги бараат ветените субвенции за задржано женско јагне

Сточарите се на работ на егзистенција, задолжени за сточна храна едвај преживуваат. Сточарите бараат  Министерството за земјоделство да излезе со информација кога ќе им бидат исплатени парите и како ќе тече откупот на јагнињата пред Нова година.

Годината изминува, а Владата се уште не им ги исплатила ветените 2.500 денари за оставено женско јагне, финансиска поддршка што на некој начин ќе значеше субвенционирање на целата вредност на јагнето, се жалат сточари од Штипскиот Регион.

Александар Мушев, млад сточар од селото Чардаклија, Штипско вели дека сточарите се оставени на работ на егзистенција, се уште не ги добиле субвенциите за предадено млеко, ниту пак ветената вкупна финансиска помош за оставено женско јагне.

-За 2020 година ништо не ни е исплатено, субвенции за предаденото млеко не ни се исплатени, ниту пак поддршката за оставено женско јагне, ниту за овците, буквално за ништо пари нема. Со корона кризата се запре, а ние сточарите сме на работ на егзистенцијата. Во април кога пропадна откупот на македонското јагне не убедуваа да не протестираме, дека ќе се надмине состојбата и ќе се надоместат загубите, но ништо од тоа. Мај помина, пред нас е декември и Нова година, а пари нема. Бараме Министерството за земјоделство да не информира кога ќе ни ги исплати ветените пари, реагира младиот сточар Мушев.

Неговото трло брои 300 глави овци и уште 200 глави јагниња што Мушев ги оставил непродадени поттикнат од владините најави за субвенционирање.

-За тоа што оставив 200 женски јагниња сум во голема загуба, досега за храна сум потрошил половина од сумата што треба да ја добијам. Значи треба да ми исплатат околу 10 илјади евра, а јас веќе за храна сум потрошил половина од таа сума, вели Мушев.

Заради оставените јагниња морал да подига нови објекти и да ангажира двајца овчари со што трошокот за храна и овчари двојно пораснал. Месечниот надомест само за еден овчар Мушеви ги чини 800 евра.

Мушев вели дека и сега јагнињата се откупуваат за 120 денари килограм жива мера, иако цената не смее да биде пониска од 180 денари за килограм.

-Според цената на храната овие цени на јагнето се потценувачки, а ние треба на време да ја платиме пашарината и сите давачки за храна. До гуша сме задолжени за сточна храна кај земјоделците, зошто готовина веќе немаме. Ако за скоро не ни се исплатат субвенциите не ќе можеме да ги чуваме овците. Во Штипско се продаваат веќе овците, многу сточари се откажуваат од чување на стоката, вели Мушев.

Владата во април годинава ја измени Уредбата за директни плаќања со кои најави дека се зголемува финансиската поддршка за сточарите одгледувачи на овци, за задржано женско јагне, соопшти МЗШВ. Износот на поддршката за задржано женско јагне од 700 денари се зголемува на 1.500 денари по грло и со основната мерка од 1.000 денари, сточарите одгледувачи на овци ќе добијат вкупна финансиска поддршка во висина од 2.500 денари за женско јагне.

Владата ја донесе ваквата одлука поради состојбата и проблемите со откуп на јагне, поради здравствено-економската криза предизвикана од глобалната пандемија од коронавирусот.

 

А.Б

 

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close