Снегот во април го намали интересот за боровинки во август
Од почетокот на месецов во Kавадарци почна издавањето дозволи за собирање боровинки во ридско-шумските предели од општината. Дозволите, по цена од 400 денари, се обезбедуваат во просториите на „Бор“, кавадаречката подружница на „Македонски шуми“.
Петко Ристовски, шеф по заштита на шуми во подружницата, информира дека веќе се издадени и првите десетина одобренија за собирање боровинки.
– Минатата година издадовме шеесетина вакви документи на заинтересирани да берат боровинки на територијата на општината Kавадарци. Годинава очекуваме бројот на издадени дозволи да биде помал. Тоа го објаснуваме со фактот што снегот што падна на 17 април пролетва предизвика мрзнење кај боровинките. Kако последица на тоа нивниот род е намален – рече Ристовски. Дозволите за берење боровинки важат до крајот на оваа година.