Милевски: Три „Пластикмати“ за рециклирање во Кумановскиот регион, за секое шише граѓаните добиваат поени за пазарење
Еден од проблемите во североисточниот регион е пластичниот и алуминскиот отпад од шишиња и лименки, со чие неконтролирано фрлање, се создаваат диви депонии и се загадува животната средина. Со цел справување со овој проблем, проектот „За чист град“ во рамки на Североисточниот плански регион предвидува воведување на селекција на овој вид отпад и можност за рециклирање, со помош на машини „Пластикмати“.
– Вкупниот буџет за овој проект е 2 милиони денари, а партнери се ООУ „Крсте Мисирков“ Куманово и ЈП Чистота и зеленило, Куманово. Поставени се 3 вакви машини, во три поголеми маркети, во општините Куманово, Липково и Крива Паланка. Целта на поставувањето на овие машини е да се мотивираат граѓаните што поефикасно и побрзо да се вклучат во процесот на селективно одложување отпад. Со самото учество во процесот односно депонирањето на шишиња и лименки во Пластикматите, граѓаните ќе бидат соодветно наградени со поени кои се конвертираат во денари и кои граѓаните ќе можат да ги искористат за купување на производи во маркетите каде се поставени Пластикматите, појасни министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Според амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер на овој начин, преку стимулација за селекција и реупотреба на отпадот, граѓаните ќе се едуцираат за бенефитите од рециклирањето и ќе се вклучат во самиот процес помасовно, со крајна цел намалување на загадувањето и заштитата на животната средина.
Главните цели на проектот се намалено фрлање на пластика во отворени корпи за 300 до 400 отпадоци дневно, зголемена свест за селектирање и реупотреба на отпадот кај минимум 10 – 15 отсто од населението.