АХВ: Уништени повеќе од 43 тони небезбедна храна
Повеќе од 14,8 тони небезбедна храна од животинско и неживотинско потекло, уништиле инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во рамки на спроведените 12 532 инспекциски надзори во третото тримесечје од годинава. Согласно Законот за безбедност на храна, од вкупно уништените над 43 тони небезбедна храна, во јули, август и септември, самите оператори уништиле 28,5 тони, кои не ги задоволувале критериумите за безбедност.
За констатираните недоследности со контролите, инспекторите за храна и официјалните ветеринари, во рамки на извршените 6 251 редовни, 1077 контролни и 5 204 вонредни инспекциски надзори, во овој временски период, донеле 1 455 решенија, изрекле 467 мерки едукација, и поднеле 5 прекршочни пријави.
Агенцијата за храна и ветеринарство во третото тромесечје од 2020 година, нема евидентирано забранети ниту уништени пратки со увозни производи од неживотинско потекло и пратки со материјали кои доаѓаат во контакт со храната. Како небезбедни, забранет е влез во државава на четири пратки увозни производи од животинско потекло, со вкупна количина од 19 тони и 753 килограми. Во јули, август и септември, Агенцијата за храна и ветеринарство, нема евидентирано уништени производи од животинско потекло од увоз.
За извоз на храна од неживотинско потекло, во јули, август и септември, издадени биле 716, а за извоз на храна од животинско потекло – 458 сертификати.