fbpx
Вести

Невремето го уништи родот на земјоделците

Поради дождовите голем број земјоделци остана без својот род, а уништени се повеќе хектари земјоделско земјиште со градинарски култури, компир, пченка… За разлика од земјоделците од Скопско за кои дождот беше фатален и уништи се, за земјоделците од другите делови на државата беше долгоочекуван и добредојден.

nevremeto go unishti rodot na zemjodelcite

 

Невремето кое викендов го зафати Скопје и околината предизвика големи штети врз земјоделските површини. Најголеми штети има во Стајковци, Арачиново и Сингелиќ, каде што поројните дождови уништија многу ниви и посеви.

Поради дождовите голем број земјоделци остана без својот род, а уништени се повеќе хектари земјоделско земјиште со градинарски култури, сточна храна, компир, пченка…

– Маката е голема. Се е уништено, сега наместо берба имаме само голема штета. Водата го однесе родот. Никогаш досега не сме имале ваква поплава. Сме имале, ама вака не било. Штета има на градинарските култури, компирот, пченката, изјави еден земјоделец од скопско Стајковци.

Штетите се 100 отсто. Само „прва рака” е обрана, другите, остатокот се целосно уништени до „четврта рака”. Берба повеќе нема да има, изјавуваат земјоделците.

Една жителка на селото Стајковци низ солзи раскажува дека целосно и се уништени посевите.

– Се што имавме, водата однесе. Дадовме од 800 до 1.000 евра за семе за детелина, која е уништена. Се е под вода. Кравите се живи, но стелни се и тие не се знае дали ќе преживеат, бидејќи нема каде да живеат и што да јадат, вели таа.

Покрај земјоделските посеви и родот, силното невреме уништи и многу домашни животни на жителите на овие села. Поради тоа, Здружението за заштита на животни „Анима мунди” апелираше до граѓаните и институциите Дирекцијата за заштита и спасување и Агенцијата за храна и ветеринарство, да се вклучат во акција за спасување на настраданите животни во невремето во скопскиот регион.

За разлика од земјоделците од Скопско, за кои дождот беше фатален и уништи се, за земјоделците од другите делови на државата беше долгоочекуван и добредојден.

– Долго време земјоделците гледаа во небото и чекаа кога ќе паден дожд. Дождот е добредојден за пченката, пченицата, сончогледот и за другите есенски земјоделски култури, вели претседателот на Сојузот на земјоделци на Македонија, Вељо Тантаров.

Тој додаде дека за разлика од земјоделците во Пелагонија каде дождот донесе радост, за земјоделците од скопските села донесе само тага и болка.

– Се надевам дека Владата нема да ги заборави овие земјоделци и ќе им помогне како што им помогна на земјоделците од Пелагонија, чии посеви настрадаа од невремето во 2014 година, изјави Тантаров.

Голем дел од земјоделските површини е под вода. Откако ќе се повлече водата, ќе се направи проценка колкави се штетите и дали на тие ниви ќе може повторно да се сади.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека се уште е рано да се каже колкави се штетите врз земјоделските посеви, треба да се направат проценки, но секако штетите ќе бидат големи, бидејќи се е уништено.

Оние земјоделски посеви кои се осигурени, осигурителните компании ќе им ги покријат штетите, но проблем е што многу мал дел од земјоделците ги имаат осигурено земјоделските посеви.

Минатата година од невреме во Тетовско беа уништени 250 хектари земјоделско земјиште, ниви и посеви со целата реколта компири, грав, пченка… Земјоделците во овој крај и покрај тоа што претрпеа огромни штети, со владина помош им беа обесштетени уништените парцели, сточна храна, посеви и стока.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close