Лажни инспектори наплаќаат долгови на земјоделци
Се појавија и лажни инспектори кои наплаќаат наводни долгови на земјоделци и сточари за водарина и пашарина. Штипската полиција за кратко време регистрираше двајца. Едниот во пробиштипското село Запатница, другиот во селото Ерџелија, светиниколско.
За да не им се скратат субвенциите, 69 годишната А.Р. со сопругот, на лажниот инспектор му изброиле 7.000 денари, а 54 годишниот земјоделец од Ерџелија на лажниот роднина кој наводно работел во Агенцијата за храна и ветеринарство, му го платил долгот за пашарина, а му дал и пари да се почести.
Надлежните од полицијата повторно апелираа до граѓаните да не наседнуваат на триковите на измамниците, кои ја менуваат тактиката, но не и целта – лесно да дојдат до пари.
Измамници шетаа и во Штип. Доведувајќи во заблуда двајца штипјани, од кои едниот 81, другиот 65 годишен, ќарија 3.000 евра.