Ќе биде „ѓаволски“ тешко за справување со кризата, сигурно ќе можеме да партиципираме во изборот на најдобрите решенија
Интервју со Бранко Азески претседател на Стопанската комора на Македонија
Светот се соочува со економска криза како никогаш досега на глобален план, како последица од пандемијата со вирусот Ковид-19. Справувањето со оваа криза и надминувањето на последиците тешко го поднесуваат и многу посилни економии од нашата. Предизвиците во барањето решенија за надминување на кризата се големи. Може ли македонското стопанство да се справи со една ваква криза и има ли оптимизам во избор на најдобри решенија? На оваа тема „Зелена берза“ разговара со претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески.
***
З.Б-Уште една година е зад нас. Година со низа предизвици кога стопанството требаше да се прилагоди на работа во услови на пандемија со Ковид-19. Како ја оценувате состојбата, може ли македонското стопанство да се справува со вакви кризи?
Азески-Сигурно сите ме согласни дека ова е најтешкиот период низ кој поминува економијата, затоа што во исто време имаме неколку кризи. Меѓутоа изненадувачки за нашите проценки, мислам дека сите структури во државата покажаа повисок степен на отпорност, отколку предвидувањата. Така да, генералната оценка би требало да биде дека имавме тешка година, но успеавме да се задржиме на нозе.
З.Б-Годината беше исполнета со низа политички активности за решавање на актуелните проблеми во државата. Колку тоа се одрази на работата на компаниите?
Азески-Ние не ги коментираме политичките случувања, но имаме јасна констатација дека ако нема во државата нејзино целосно функционирање, а особено владеење на правото, тогаш економијата има последици, а особено ако нема ни предвидувања.
З.Б-Ако се знае дека на развојот на аграрот се гледа како сектор кој влијае на целокупниот развој на државата, дали е доволно направено за негов развој?
Азески-За аграрот постои формула призната во светот- арондација, комасација, мелиорација и секако, високи приноси кои гарантираат ниски цени за да бидеш конкурентен. Секој од нас е доволно паметен да даде оценка дали тоа постои кај нас, особено кога од буџетот се издвојуваат огромни средства за стимулација.
З.Б-Неодамна комората излезе со анализа за агросекторот во која податоците се загрижувачки. Дали Стопанската комора излезе со конкретни мерки за ублажување на проблемите со кои се соочува агросекторот?
Азески-Одговорот на претходното прашање ги содржи во себе сите потребни елементи за тоа што предлага Стопанската комора на Македонија. Просто кажано, потребно е окрупнување на земјишните посеви, современо наводнување, добра механизација и обучен кадар.
З.Б-Во целава ситуација има ли надеж за развој на малите стопанственици?
Азески-Секако дека има, со оглед на фактот дека тие се носители на развојот во поглед на отворање на нови бизниси и работни места. Но, секој воз има своја локомотива без која вагоните колку и да се, стојат во место.
З.Б-Како добар познавач на состојбите во државата и долгогодишен претседател на Стопанската комора на Македонија, кои се вашите очекувања за оваа 2021 година и кои се плановите на комората за подобрување на состојбите во целокупното стопанство?
Азески-Моите очекувања се дека конечно ќе извлечеме поуки од минатото и ќе мораме во наредната година да работиме паралелно и на тековен план и на она што ќе се случува после завршувањето на пандемијата и државната помош. Затоа и изработивме многу стручна анализа која произлегува од многу сериозна анкета меѓу нашите членки и таа во текот на овој месец ќе биде промовирана. Според нас, тоа е патот наредната 2021 година да ги намалиме последиците од тешките кризи за кои зборувавме на почетокот. Тоа ќе биде „ѓаволски“ тешко, но ние во таа година ќе имаме 100-годишно искуство и сигурно ќе можеме да партиципираме во изборот на најдобрите решенија.
П.Јовановска