Пензионерите најзагрижени дали ќе може да ги искористат владините 6.000 денари
Владините функционери очекуваат граѓаните за десетина дена да ја добијат финансиска помош и сметаат дека има доволно време за трошење на парите до 25 декември, кој е краен рок.
На две недели до крајниот рок до кога граѓаните треба да ја потрошат сумата од 6.000 денари, која Владата им ја додели како помош за купување македонски производи, сѐ уште не се објавени ниту списоците на примателите, ниту листите на трговци, каде ќе се купува. Страницата „купувам домашно.мк“, се ажурира и освен општите објаснувања, други детали нема.По стапување во сила на законот, Генералниот секретаријат на Владата во рок од пет дена на страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk, требаше да објави јавен повик за пријавување правни и физички лица вршители на стопанска дејност за упис во Листа на даватели на македонски производи и македонски услуги. Кус е и рокот за поднесување приговори за оние што ќе сметаат дека се неправедно изоставени и тој ќе трае само три дена. Сепак, владините функционери очекуваат граѓаните за десетина дена да ја добијат финансиска помош и сметаат дека има доволно време за трошење на парите до 25 декември, кој е краен рок.
Од Министерството за финансии веќе најавија дека е потребно време за да се изготват списоците на лицата на кои треба да им се поделат тие пари, а тоа се пензионерите со минимална пензија, корисниците на социјална пензија, пасивните баратели на работа, самохраните родители и студентите што се испуштени при претходната поделба на оваа помош, потоа и филмски, културни работници, естрадни уметници… Како и да е, времето за трошење на парите ќе биде многу кратко, иако една од целите на мерката беше да се направи брз обрт, па без разлика кога во декември, парите ќе бидат пуштени на сметките, тие ќе мора да се потрошат до крајот на месецот. Најмногу ќе чекаат самохраните родители, чиј конечен список е предвидено да се изготви во рок од 20 дена по стапување на законот во сила.https://www.slobodenpecat.mk/penzionerite-najzagrizheni-dali-ke-mozhe-da-gi-iskoristat-vladinite-6-000-denari/