Во Тетовско се гради на најубавите и најплодните ниви
Општините донесуваат урбани зони за градење, а седниците на советите на општините истите ги изгласуваат. Во меѓувреме никој не зборува, ниту пак се води дискусија дека станува збор за плодни земјишта.
Најубавата земјоделска обработлива површина во Тетовско се уништува од властите.
И во рамки на законот, но и надвор од него државните а пред се градските власти ги уништуваат најобработливите земјоделски површини во Тетовско.
Покрај самиот Автопат Тетово – Скопје на влезот од градот се забележува голем број на зданија на парцели кои некогаш беа засадени претежно со грав, пченка и пченица. И технолошката индустриска развојна зона се изгради на илјадници квадратни метри плодна површина покрај самиот автопат во непосредна близина на тетовското село Сараќино.
Но сета ова не завршува само во близина на урбаните градски подрачја. Се гради и покрај самата река Вардар и кон руралните општини, чија површина некогаш се обработувала и без да се наводнува, земјата тука е кревка поради близината на водата.
И сето ова се прави во рамки на законот. Општините донесуваат урбани зони за градење, а седниците на советите на општините истите ги изгласуваат. Во меѓувреме никој не зборува, ниту пак се води дискусија дека станува збор за плодни земјишта.
Може само пред кооперација во тетовските села да се слушне ваков муабет од повозрасните жители.
-Порано моите ми раскажуваа дека на времето кога сме биле под турско било строго забрането да се гради на нива. Не си смеел апсолутно ништо да изградиш. Само во ридските подрачја можело да се гради,низините се знаело за земјоделие се чувале, особено обработливата површина строго се чувала. Сега гледате што се случува. На најубавата земја се гради и што ќе остане за одгледување ништо, пак храната ќе треба да ја увезуваме, вели жител на тетовското село Сараќино.
Дел од земјоделците пак, велат дека воопшто не се исплаќа да се обработува земјата, па затоа се одлучуваат или да изградат тие, или да ја продадат, или пак да ја дадат по наем земјата.
-Јас се занимавав со земјоделие ама бадијала. И квалитетен зеленчук произведував, ама пак бадијала кога нема каде го продадеш и на крај се одлучив да ја продадам нивата покрај автопатот Тетово – Скопје, вели Реџем Ислами од тетовското село Речица.
Земјоделски површини претворени во локации за претовар на комунален отпад
За Тетово изминативе две децении беа избрани 4 локации за претовар на комуналниот отпад. Но дел од локациите беа лоцирани токму на едни од најобработливите земјоделски површини во близина на селото Требош, како и во атарот на тетовското село Фалише, каде и сега се наоѓа претоварната станица.
Станиците и немаше да ги уништуваат земјоделската површина ако работеа по стандарди. Но таму сметот собран на дневна основа директно се истура на земја, загадувајќи ја почвата и подземните води.
Од Центарот за полошки плански регион, велат дека се работи на план кој треба да обезбеди стандардизирани депонии, со цел заштита на животната средина, пред се почвите и подземните води.
Во меѓувреме и регионалната депонија во гостиварско Русино и натаму ја загадува околината, пред се исцедокот од отпадните води кој директно завршува во потоците и реките, од чија вода земјоделците ги наводнуваат своите ниви.
И за овој проблем од центарот велат дека се работи.
-За 5 години оваа депонија ќе биде затворена и ќе биде избрана нова локација за депонирање на смет наменета за сите 9 полошки општини која ќе ги исполнува еколошки услови за одлагање на сметот, додаваат од центарот.
Зоран Димовски