fbpx
Вести

Со државна помош од наредната година ќе се модернизира сточарството

Неповратна финансиска помош за набавката на добиток, која ќе почне да се применува од наредната година ќе добијат сите одгледувачи запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Со оваа владина мерка се заокружува цел еден циклус во сточарството – модернизација на фармите, набавка на приплоден материјал, подобрување на генетскиот потенцијал и повисоки приноси, на млеко, месо, волна…

so drzhavna pomosh od narednata godina kje se modernizira stocharstvoto

 

Од почетокот на наредната година ќе почне да се применува мерката за финансиската поддршка на државата за набавка на високоприносен добиток преку Програмата за рурален развој. Максималната вредност на прифатливите трошоци ќе изнесува до 100 милиони денари со кои ќе може да се купат максимум 100 крави или 1.000 високо приносни кози или 800 високо приносни овци.

Средствата ќе се доделуваат како неповратна финансиска помош, а право на користење ќе имаат сите одгледувачи на добиток запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Набавката на добитокот ќе се врши од признати одгледувачи на добиток. Со оваа владина мерка се заокружува цел еден циклус во сточарството – модернизација на фармите, набавка на приплоден материјал, подобрување на генетскиот потенцијал и повисоки приноси, на млеко, месо, волна, сметаат експертите.

Како што изјави професорот Владимир Џабирски од Катедрата за сточарство при Факултетот за земјоделски науки и храна, државната поддршка од 80 отсто од вкупната инвестиција за набавка на висококвалитетни грла на добиток – овци, кози и говеда, следствено ќе се одрази и врз финансиските резултати на фармерите.

Според Џабирски, ова е респектибилна сума средства за набавка на квалитетен приплоден материјал, овци, кози, говеда, која пополнува голема празнина во системот – обртниот капитал, уште една од политиките за развој на сточарството, комплементарна со останатите мерки, која воедно дополнува и други од програмите за финансиска поддршка и за рурален развој, како и од ИПАРД-програмата.

– Во сите стратегиски документи на оваа Влада стои промена на генетскиот потенцијал што е прилично тешка задача со оглед на слабата кумулативност на сточарскиот сектор. Оттука, заедно со владината мерка за специјализирани советодавни служби за фармерите, ќе имаме заокружена целина – од модернизација на фармите, набавка на приплоден материјал, подобрување на генетскиот потенцијал на добитокот, до повисоки приноси на млеко, месо, волна… Мерката, секако, ќе се одрази и на финансиските резултати на фармерите, потенцира професорот.

Подвлекувајќи го позитивниот ефект од оваа мерка, Џабирски посочи конкретен пример. Кога од ИПАРД би се добиле средства за нови, современи фарми, фармерите, со оглед на слабата кумулативност и можности за вложување, остануваа без пари да ги гарантираат следните вложувања – набавка на квалитетен приплоден материјал, зашто ниту една програма тоа не го предвидува. Токму тука оваа мерка го наоѓа своето место, заедно со другите мерки, појасни тој.

– Со промена на расниот состав на кравите секоја година се зголемува производството на млеко и вредноста на кравите. Ако претходно една крава давала 10 литри млеко, сега бројката е далеку поголема. Има помал број крави, но зголемена е количината на млеко, а со тоа и квалитетот, вели Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Според него, ова е тренд кој мора да се развива во сите сектори. Треба да се купуваат раси што ги бара пазарот. Кај свињите раси со поголема месност и помалку маснотии, кај кокошките раси што даваат повеќе јајца…

Паралелно со оваа поддршка сериозни инвестиции оваа година се предвидуваат и во подобрување на инфраструктурата на 100 пасишта во државата за што ќе бидат инвестирани над 1,2 милиони евра. Станува збор за проект кој е од исклучителна важност за сточарите.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close