fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Јагнето се продаде за добра откупна цена, но проблемите на сточарите останаа

Во пресрет на католичкиот Божиќ за килограм јагнешко жива мера, кланиците на сточарите им даваат до 180 денари, што е за 50 денари повисока цена од ланската.

После подолг период, откупната цена на јагнешкото месо ги покри трошоците на сточарите. Во пресрет на католичкиот Божиќ за килограм јагнешко, кланиците на сточарите им даваат до 180 денари, што е и за 50 денари повисока цена од ланската.

-Годинава морам да кажам дека цената е задоволителна, немаме проценки колку јагне се има продадено, но факт е дека во поголеми количини јагнето се продава пред Велигден, а не пред Божиќ. Но, како и да е, пак, барем тие сточари кои продале не се во загуба како минатите години, рече Меѓит Амити потпретседател на Здружението на овчари.

Колку се задоволни од цената коментира и еден од најпознатите сточари на Шар Планина, Идриз Камбери. Но, како и многу други сточари од Полошко и тој ни раскажа дека ги продал сите овци затоа што финансиски не можел да издржи и понатаму да се занимава со оваа дејност.

-Јас ги продадов сите овци, а имав околу 400 грла. Големи ми беа трошоците за храна, па многу доцнеа субвенциите. Знаете и со години беше катастрофална цената на јагнешкото месо, сега са покачи, ама веќе е доцна многу сточари поради проблемите кои што ги наведов претходно веќе се откажаа и не се занимаваат со оваа дејност. Но, јас не се откажувам од сточарство само тоа знам да го работам, сега работам кај друг сточар, вели Идриз Камбери од селото Вејце.

Од Здружението на овчари, велат дека сточарите повеќе од една деценија се соочуваат со ниски откупни цени и доцнење на субвенции, но како капак на се, во последно време се јавуваат и нови проблеми. Меѓу нив е и забраната на транспорт на македонското јагне низ соседна Албанија.

-Оваа забрана за македонското јагне е катастрофална. Таму се забранува транспортот поради појава на болеста Син јазик, и сега нашето јагне мора преку Хрватска да оди до Италија, наместо како претходно преку Драч, па преку пристаниште до крајната цел до Италија. Сега транспортот преку Хрватска е многу поскап, што преставува дополнителен товар за сточарската дејност во земјава. Друг проблем е доцнењето на субвенциите. Треба да се даваат субвенции на време кога сточарите треба да купат храна, а не секоја година да доцнат. Исто така мислам дека конечно треба да се укине и забраната за извоз на живо јагне. Оваа забрана е донесена уште во поранешна Југославија поради болеста Шап и Лигавка, сега оваа забрана треба да се укине, за да може сточарите да го извезуваат јагнето надвор од нашата земја и така ќе обезбедат подобра цена, а сега цената на јагнешкото место на сточарите им го диктираат кланиците, вели Меѓит Амити потпретседател на Здружението на овчари.

Од Здружението додаваат дека Македонија пред неколку децении била меѓу првите по бројот на овци, а сега е меѓу последните. Колку за споредба во соседна Србија во деведесеттите години имало едвај 400.000 овци, а во Македонија 2 милиони, сега е обратно, но во Србија субвенциите за едно грло овца се движат и до 4.000 денари, а кај нас 1.000 денари, потенцираат од здружението од каде сметаат дека мора да се сменат државните политики кон сточарите, ако сакаме повторно да ја вратиме сточарската дејност на прав пат.

Зоран Димовски за Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close