Пониква станува атрактивен регионален зимски центар
Владата издвоила средства да се реконструира патот за Пониква, а Министерството за локална самоуправа заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка, обезбедија 5 милиони денари да се реконструираат и да се стават во функција ски-лифтовите.
Со новите содржини, Пониква ги активира потенцијалите за атрактивен регионален зимски центар, Владата ќе продолжи низ вакви инвестиции да ја покажува грижата за заживување на македонскиот туризам, изјави премиерот, Зоран Заев, од Пониква, пренесува Макфакс.
Тој кажа дека Владата издвоила средства да се реконструира патот за Пониква, а Министерството за локална самоуправа заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка, обезбедија 5 милиони денари да се реконструираат и да се стават во функција ски-лифтовите.
„’Осогово лично и различно’ беше слоганот на кампањата која го следеше процесот на прогласување на Осоговски рурален предел под заштита според најдобрите европски практики за што од огромна помош беше поддршката на нашиот традиционално добар и посветен пријател – Швајцарија. Со оваа поддршка и со поддршката на Владата и на локалната самоуправа Осогово доби нов стимул да ги искористи максимално своите потенцијали“, рече премиерот.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, посочи дека Пониква полека добива лик на зимски туристички центар, што е од исклучителна важност за развојот на Источниот плански регион, за граѓаните кои живеат таму, но и за целата држава.
Воедно тој нагласи дека оваа реконструкција се прави прв пат по 40 години, што покажува колку биле занемарени овие потенцијали, кои можат да имаат значајно влијание на развојот на државата.
„Немаме море, но имаме прекрасна природа и одлични терени за зимски спортови. Министерството за локална самоуправа ги има идентификувано развојните потенцијали на планските региони и веќе работи на подобрување на условите за развој на туризмот на Попова Шапка, во Маврово, еве овде на Пониква, а следните инвестиции ќе бидат на Кожув и на Пелистер“, соопшти министерот Милевски.