Македонците во просек пушат 20 цигари на ден
Алармантни се податоците за пушењето во земјава. Лидери сме по бројот на пушачи во регионот и во Европа, а во светски рамки се наоѓаме меѓу 10-те најлоши држави, во кои најмногу се пуши.
Алармантни се податоците за пушењето во земјава. Лидери сме по бројот на пушачи во регионот и во Европа, а во светски рамки се наоѓаме меѓу 10-те најлоши држави, во кои најмногу се пуши. Пуши половина од македонското население, во просек по 20 цигари на ден. Дополнително, имаме најниски цени на цигарите во регионот и во Европа, а најниско ни е и даночното оптоварување што ги прави цигарите достапни за секого, покажува последното истражување на Аналитика.
Како што беше речено на денешната зум конференција, со ваквите статистики влегуваме во категоријата „земја на тешки пушачи“.
Особено загрижувачки е податокот дека преку 30 отсто од младите пушат, а многу е застапено и пасивното пушење. Само кај 11 отсто од пушачите во земјава не се пуши дома, а непушачите се изложени на пушење не само во угостителските објекти, туку и во јавните институции, што отвора друго прашање – колку функционира законот.
Мажите пушат повеќе од жените, соодносот е 57,9 отсто спрема 39 проценти. Преваленцијата се зголемува со возраста, а врвот е на 45 до 54 години. Повеќето пушачи користат произведени, фабрички цигари, а рачно виткан тутун само 12,5 отсто.
Не е јасно, велат од Аналитика, во што конкретно е проблемот, но решението дефинитивно треба да се бара во поскапувањето на цигарите (зголемувањето на акцизата) и во подигнувањето на свеста на граѓаните за штетноста од пушењето. Еден од предлозите е дури и воведување посебен предмет од најрана возраст во училиштата.
– Дојдовме до сознание дека сме најлоши во регионот и во Европа зашто сме лидер по потрошувачка на цигари. Преваленцата, односно стаката на учество на пушачите во вкупната популација е 48,4 отсто или половина од населението пуши. Просечен пушач кај нас троши 27 евра за цигари месечно што е само шест отсто од просечната плата. Тоа значи дека цигарите се многу достапни, секој може да си дозволи да пуши, истакна Тамара Мијовиќ Спасова.
Во ЕУ, додаде таа, просекот на пушење е само 29 проценти. Просечната цена на кутија цигари, пак, е 4,9 евра, додека во регионот 2,1 евро што е помалку од половина од европското ниво.
с Во светот пушат 1,1 милијарда луѓе, што е една шестина од светската популација или една седмина, а кај нас во земјава пуши една половина од населението. Ова покажува дека сме драстично полоши и од глобалниот просек, рече професорот Борче Треновски.
Треновски направи паралела и на пушењето со КОВИД-от, повикувајќи се на податоци од СЗО.
– Нема докази дека оној што пуши ќе се зарази директно преку цигарата, но преку начинот на пушење, допирањето предмети ризикот е зголемен. Сепак, се повеќе студии ја потврдуваат врската меѓу пушењето и ризикот тоа лице да биде хоспитализирано. Сите истражувања покажуваат дека агресивноста на болеста е директно поврзана со пушењето. Пушачите почесто завршуваат со смртен исход и полошо поминуваат од непушачите, истакна професорот.https://nezavisen.mk/makedoncite-vo-prosek-pushat-20-cigari-na-den/