fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Васко Јосифовски-Тутунарите се оштетени за најмалку 1 евро по килограм тутун

Зелена берза-Интервју со Васко Јосифовски, креатор на ФБ групата „Македонски тутунари“

Васко Јосифовски (56) е производител на тутун од селото Трновци, општина Могила, креатор на Фејсбук групата „Македонски тутунари“ која за само неколку дена успеа да ги обедини на едно место тутунарите од Македонија, да се формира Иницијативен одбор кој седна на преговарачка маса со откупувачите.

Јосифовски во разговор за „Зелена берза“ зборува за актуелните состојби со откупот на тутунот и предлага како да се надминат проблемите. Како производител на тутун Јосифовски обработува од 6 до 12 декари земја, како што вели во зависност од годината, а произведува од 1.200 до 1.600 килограми тутун.

З.Б-Вие сте креаторот на Фејсбук групата „Македонски тутунари“, како дојдовте до таа идеја и со која цел­?

Јосифовски-Еден пријател ме внесе во една група на Фејсбук за земјоделие, таму видов 7 до 8 постови како тутунари се жалат на лошата проценка на родот, па откако ги разгледав коментарите на тие луѓе заклучив дека не вреди ‘неорганизирано’ да се пишува зошто никој нема да обрне внимание на тоа. Така се одлучив јас да направам ФБ група која за само неколку денови стигна бројка од 6 до 7 илјади тутунари, па таа бројка сега е до 12 илјади тутунари.

Оваа бројка е многу реална и висока, зошто во државата има околу 20 илјади тутунари, договарачи, што значи дека вкупната бројка на жители кои се занимаваат со производство на тутун е од 100 до 120 илјади, со оглед на тоа што семејствата бројат и по 5 до 6 членови.

З.Б-Што постигнавте со формирањето на оваа група?

Јосифовски- Постигнав да ги обединам на едно место сите тутунари, затоа што 11 до 12 илјади тутунари на едно место не е малку. Сите тие се вистински профили. Успеав да предизвикам внимание во јавноста, што ми беше примарна задача. Успеав да го формирам Иницијативниот одбор на штрајкувачи. Успеав на неколку пати да го седнеме министерот за земјоделство Арјанит Хоџа со нас. Успеав да го внесам проблемот на тутунарите во Парламентот и ИО да има средба со премиерот Зоран Заев во Владата. Е сега, што се однесува до резултатите од тоа што успеав, мислам дека сме доста долго влечени за ‘нос’ во овој период, со тоа што очекувам наредниот период некое подобрување. Колку тоа ќе се оствари не знам.

З.Б-Како Иницијативен одбор наметнавте силна агенда,  преговори со Влада и откупувачи, но и  масовни протести. Колку во целата оваа ваша ангажираност ви помогна Сојузот на тутунарски здруженија? Имате ли забелешки на однесувањето и потезите на Сојузот во овој кус изминат период?

Јосифовски-Сојузот се што можеше да направи беше повлекување на поверениците, што се случи за волја на вистината во период од 3 дена. Ние би требало со Сојузот и останатите земјоделски здруженија да имаме некој партнерски однос и заеднички настап и мислам дека треба да се најде решение за заедничко делување.

***

З.Б-Како ги оценувате состојбите со откупот на тутунот за оваа реколта? Колку реално се оштетени тутунарите од проценката на тутунот и каков е квалитетот на родот?

Јосифовски-Полошо од катастрофално, или ако има нешто полошо, ете тоа е. Сметам дека тутунопроизводителите се оштетени за најмалку по 1 евро за килограм.

Сум имал можност да видам многу реколти и реално квалитетот на тутунот е за нијанса полош од претходните години, меѓутоа не е полош за толку драстично ниски цени. Прифатливо е околу 200 денари просечна цена, но се што е под таа цена мислам дека е понижувачко. Не би можел да се сетам на точна година, но имаше на неколку пати добри и лоши години за откупот на тутунот.

З.Б-Кога зборувате за лош откуп мислите на квалитетот на тутунот или на политиките на откуп?

Јосифовски-Според мене се работи исклучиво за лоша организација на власта и откупувачите. Односно тие се меѓусебно добро организирани. Очигледно. Затоа што сме сведоци дека пред две години, тутунот кој што сега го ценат исклучиво во 4 класа, одеше во 3 класа. Тоа се добри 70-80 денари разлика.

Значи тогаш некому му одговарало истиот тутун, истиот квалитет да биде 150 денари, а сега да се сменат работите одеднаш и сето тоа да не важи. Очигледно е дека спрегата на политиката и бизнисот преовладува. И не само сега ова е еден систем кој се спроведува веќе од денот на осамостојувањето на државата. Се наоѓаме во некоја, би рекол никаква позиција, ни горе ни долу. Кој како сака така си поигрува со судбината на земјоделците, не само на тутунарите, туку и на лозарите и на градинарите, оризарите, сточарите…

З.Б-Што сметате дека треба во најкус можен рок да се промени за ова реколта да не ви пропадне? Дали со укинување на 4 класа може нешто да се ‘спаси’?

Јосифовски-Јас го делам мислењето дека не е решение укинувањето на 4 класа. Можеби би било добро да се зголеми цената на 4 класа, што од друга страна законски може со добра волја да го сторат само откупувачите и никој друг. Можеби Владата би можела да изврши некаков притисок врз откупувачите и кога е веќе дотука дојдено, а мислам дека можеби треба да се размислува за зголемување на субвенциите, бидејќи тутунарите се буквално избришани од сите мерки што Владата ги презема како помош во Ковид-19 кризата. Помош им дадоа на угостителите, пејачите, глумците, буквално сите, само земјоделците се доволно моќни и богати, имаат се, може да даваат, а не смеат ништо да земат.

З.Б-Меѓутоа, министерот Хоџа кажа дека 30 милиони евра секоја година одат на сметка на 19 илјади тутунари.

Јосифовски-Голема грешка на министерот Хоџа е што не кажува колку милиони евра идат од тутунарите во државната каса. Секогаш манипулираат со тие субвенции за тутунарите. Точно и тоа не е случајно што субвенциите за тутунарите се такви какви што се. Ние знаеме дека ова што ни се дава е само трошка од она што ние го придонесуваме.

З.Б-Многумина од тутунопроизводителите се грижат и прашуваат дали ќе се откупи целиот произведен род или само она што го имаат како количина во договорите. Дали како ИО имате ветување дека ќе се откупи вишокот тутун?

Јосифовски-Дека ќе се откупи цената количина тоа е јасно. Откупувачите нема да ја пропуштат шансата што им се пружа, да купат евтина и количински многу роба. За мене е важна цената. Мислам дека тутунарите ќе бидат уценети со вишокот произведен тутун. Ќе мораат да го предадат тутунот, но доколку не добијат соодветна заштита, ќе бидат опљачкани, ама буквално опљачкани. Таа заштита треба да им ја пружиме ние како Иницијативен одбор во заедништво со Сојузот на тутунари, па и власта е таа која што може да преземе марки. Го има Тутунскиот комбинат-Прилеп, каде што може да влијае, може да наметне цена. На крајот на краишта и може да се организира и некаков  извоз, да се повикаат соседните земји- Србија, БиХ, Хрватска… Министерот треба да знае дека неговото место не е само седење во кабинетот, треба да се бара излез од ситуацијата. Зошто да се каже дека-ние немаме моќ, се што можеме е да ги замолиме откупувачите или да ги кандисуваме, тоа не држи вода. Министерот е тој што им дал лиценци за откуп на тие луѓе, тој може да им ги земе.

З.Б-Тутунарите постојано се жалат на ниската проценка на тутунот и пак го носат на откуп, зошто е тоа така, што ќе им порачате?

Јосифовски-Ова што се случува е малку нелогично. Откупени се некаде од 4 до 6 милиони килограми тутун. Понудата е околу 23 милиони килограми со договори. Се случува парадокс, од една страна слушаме лелеци до небо дека „тутунот се зема за безобразно ниски цени“, „не чини проценката“ и „мора да се бара чаре“, а од друга страна неколку дена се соочуваме со невиден притисок врз откупувачите да се предаде тутунот, значи редици, редици возила товарени со тутун чекаат пред пунктовите. Тутунарите како да тргнале намерно да го предадат тутунот што би се рекло ‘пошто-зашто’.

З.Б-Дали мислите дека имаат притисоци да го предадат тутунот?

Јосифовски-Па, ова сигурно не се случува затоа што некој работел цела година, па сега му дошло преку нос и го дава тутунот. Очигледно е дека постојат притисоци, ама да не бидам сфатен дека тоа е власта или овие или оние, туку тоа се притисоци од финансиски аспект. Огромен е делот на тутунопроизводители коишто за разни потреби подигале кредити, банките притискаат, па сакале или не луѓето се принудено да го дадат производството, ако не цело барем дел, да покријат дел од обврските. Ова го разбирам, меѓутоа не можам да разберам наеднаш да однесам 2 тони тутун, и да дозволам да го предадам за мизерни 120 до 150  денари по килограм. Тоа не ми влегува во главата, бидејќи им се дава простор на откупувачите за уште погрубо кршење на правилата на игра, и поригорозни проценки. Зошто таму каде што има гужва, голема понуда, а мала побарувачка нормално дека цената паѓа.

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close