Душата на Националниот парк Пелистер
Селото со најубавите камени куќи, калдрмисани улички, камени мостови...
Маловишта, е душата на Националниот парк Пелистер, село прогласено за заштитена рурална споменична целина.
Маловишта е специфично село, со интересна, автентична архитектура. Селото има убави, големи куќи градени од камен на традиционален начин. Белег на старата архитектура се сочуваните стари калдрмисани улички, камените мостови и изгледот на мала градска населба. Во центарот на селото се издигнува црквата „Св. Петка“, со својот сочуван фрескоживопис, како и извонредниот дрвен иконостас изработен во длабока резба. Во центарот има јавен објект каде што е поставена изложба за традиционалната култура на селото.
Ентериерите се збогатени со сергии и долапи, рафтови крај украсени огништа и дрвени таваници.
Во Маловишта нема угостителски објект, но со претходна најава, месните жители можат да организираат ручек во самото село, и тоа познати влашки специјалитети, како на пример влашката пита, јагне печено во фурна и други традиционални локални јадења.
Селото е ставено под заштита е руралната споменична целина и е прогласено за значајно културно наследство. Освен историските, етнолошките, архитектонските вредности поседува и потенцијални економски вредности кои допрва треба да се развиваат.
Над селото е манастирот „Св. Ана“ од 18 век во висока борова шума, а централната црква „Св. Петка“ изградена во 1856 отскокнува со својата доминантност и величественост. Во неа има и галерија со стотина врвно изработени икони, ремек-дела на стари македонски зографи, со хронолошки распон од 500 години.
А.Б