fbpx
ВестиРурален туризам

Селскиот туризам ќе се развива со над 1 милион евра државни пари

Државата годинава одвоила над 1 милион евра од парите за рурален развој за проекти за селски туризам. Од вкупно 33 милиони евра колку што годинава се одвоени за оваа намена, пет правни и физички лица биле заинтересирани за развој на селски туризам. Два од нив се наоѓаат во Маврово и Ростуше, а по еден во Зајас, Дојран и Македонски Брод. Останатите пари од рурален развој ќе се искористат за набавка на нови трактори, семиња или, пак, за осовременување штали.

selskiot turizam kje se razviva so nad 1 milion evra drzhavni pari

 

Во Агенцијата за поддршка на земјоделството и рурален развој велат дека еден од проектите се уште не е реализиран, а за останатите четири работите се во тек. Оттаму објаснуваат дека најголемиот дел од средствата за рурален развој се искористени за инвестиции за модернизација во земјоделските стопанства, но и за помош за млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност. Според нив секој што аплицира може да добие поврат на половина од парите што ги има вложено.

И во село има бизнис

Директорката на Платежната агенција Билјана Вуковиќ вели дека годинава за селски туризам имало заинтересирани пет субјекти.

– Првиот проект е од село Врбен, Маврово и Ростуше. Договорот е потпишан и е во износ од 537.514 евра. Финансиската поддршка од наша страна е 268.757 евра. Но договорот не е реализиран од страна на субјектот. Во општина Дојран потпишан е договор во износ од 139.202 евра, а финансиската поддршка е 69.601 евра. Договорот е во тек на реализација – вели Вуковиќ. Според документацијата има уште три потпишани проекти. Едниот е во Зајас во износ од 156.780 евра, а половина од нив треба да даде Агенцијата. Четвртиот е во село Требовље, Македонски Брод, и е во износ од 29.359 евра. Последниот е во село Трница, Маврово и Ростуше. Договорот е потпишан на износ од 256.451 и неговата реализација е во тек.

Од Агенцијата велат дека ако сте земјоделец и сакате да вложите пари за олеснување на секојдневните активности веќе не мора да земата кредити. Според програмата, земјоделците прво аплицираат за намената за која сакаат да добијат половина од парите. Ако станува збор за трактор, на пример, откако ќе добие зелено светло од агенцијата, земјоделецот истиот го купува, а потоа добива половина од парите кои ги дал.

Освен за селски туризам, со рурален развој опфатени се речиси сите категории фармери. Така сточарите ќе може да бидат кофинансирани со најмногу 50 отсто од инвестицијата за набавка на висококвалитетни грла добиток. Пчеларите годинава, пак, ќе добијат и други поволности. Освен тоа што ќе може да аплицираат за финансиска помош за набавка на пчелни матици, ќе може да покријат и 50 проценти од трошоците за набавка на опрема за пчеларство.

Има пари и за градинки

Годинава дел од парите се наменети и за инвестиции во водостопанство и инвестиции за подобрување на животот во руралните среднини. Со овие пари може да се градат патишта, канализации, плоштади и друго. Предвидено е да се реализираат проекти за модернизација на земјоделскиот сектор, за проекти од инфраструктурен карактер, за јавна инфраструктура, како и за поддршка на економско здружување на земјоделските производители.

Во Министерството за земјоделство велат дека во функција на помош на земјоделците е и Гарантниот фонд за обезбедување поевтини кредити. Од ресорот посочуваат дека веќе е поминат огласот за млади земјоделци на кој можеа да аплицираат сите што имаат бизнис-план и програма за реализација на инвестиција до 10 илјади евра. Лани од поднесени 143 апликации, 134 се беа одобрени во оваа категорија. Годинава се предвидени и пари за инфраструктура на 100 пасишта која треба да го подобри и олесни транспортот. За ова се одобрени 1,2 милион евра.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close