fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Земјоделците и откупувачите од Струмичко очекуваат уште една успешна сезона

Според оценката на Ристо Велков од Сојуз на синдикати на земјоделци од Струмица, во споредба со повеќе години назад претстојната сезона треба да биде подобра.

Градинарите и откупувачите од Струмичко очекуваат да продолжат позитивните трендови на успешни производствени и откупни сезони и во 2021 година. Се согласуваат дека во изминатата сезона и покрај пандемијата од Ковид-19 откупот и пласманот течеа без проблеми, со исклучок на одделни градинарски култури.

Според оценката на Ристо Велков од Сојуз на синдикати на земјоделци од Струмица, во споредба со повеќе години назад претстојната сезона треба да биде подобра.

-Лани единствено имаше проблем со откупот на пролетната зелка и на некој начин во услови на Ковид-19 сезоната на производство и откуп почна лошо. Но, се бргу се стабилизира. Производите имаа добри цени, а земјоделците беа задоволни, смета Велков.

Според него и годинава може да се случи поголема понуда од пролетна зелка, бидејќи е засадена на поголема површина.

-Тоа е така, бидејќи производителите ја засадуваат повеќе заради тоа што нема поголеми производствени трошоци во споредба со одгледувањето на другите градинарски култури, посочува Велков.

Тој повикува договорите за откуп на градинарските производи од страна на откупувачите да се потпишуваат до крајот на годината или почетокот на идната и пред садење на одредена култура за да може прозиводителот да знае колку да произведе и по која цена ќе му биде откупено.

Производителот на лути пиперки од село Банско, Даме Тренчовски, кој меѓу првите излегува на пазарот, смета дека и годинава не би требало да има проблеми со откупот и пласманот.

-За разлика од лани сега имаме појасна слика каква е состојбата на пазарите. Очекувам уште во март и април непречено да оди откупот и по цени кои ќе бидат прифатливи за нас. Со отворање на пазарите и ако се ослободиме од стегите на коронавирусот, тогаш ќе биде уште полесно за нас, производителите. Јас лично очекувам тоа да се случи, рече Тренчовски.

Слично е и мислењето на Ванчо Митев од Здружението „Еко градинар“ од село Добрејци.

-Може да се каже дека ланската сезона беше добра и произведеното се откупи целосно. Очекувам годинава тој тренд да продолжи и единствено стравувам за пласманот на пролетната зелка, која е засадена на поголеми површини од лани, потенцира Митев.

Откупувачите го делат мислењето на земјоделците за успешната сезона.

-Ланската година беше успешна и што е најважно произведеното се продаде, што во суштина е најважно како за нас, така и за градинарите. Доколку во првите месеци од 2021 година не се олабават мерките пласманот на првото производство може да оди тешко. Јас сум оптимист и верувам дека трендот на успешни производствени сезони од аспект на откупот и пласманот ќе продожи, рече Благој Витанов, трговец од Струмица.

И годинава градинарските култури од Струмичкиот регион се очекува да извезуваат на пазарите во Хрватска, Србија, Романија, Бугарија, Грција и други земји, а покрај странците големи количини  треба да откупат домашните фабрики.https://nezavisen.mk/zemjodelcite-i-otkupuvachite-od-strumichko-ochekuvaat-ushte-edna-uspeshna-sezona/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close