fbpx
Вести

Поплавите ќе ја поскапат зимницата?!

Цените на овошјето и зеленчукот се речиси непроменети, но пазарџиите предупредуваат дека ќе следи зголемување. Надлежните, пак, смируваат – нема да се дозволи неосновано поскапување.

poplavite kje ja poskapat zimnicata

 

Патлиџаните и пиперките засега по старо

Патлиџани од 30 до 70, пиперки од 25 до 40, краставици од 40 до 50 денари. Ова се цените на зелените пазари во моментов. Има благо поскапување по катастрофалните поплави кои потопија и уништија и голем дел од земјоделските површини во скопско.

– Стајковци се потопи. Тоа поле не постои. Половина од робата овде беше од таму, многу недостасува. Цените засега се исти, нема покачено. Патлиџан и претходно недостасуваше. Воопшто не е скапо, ако се земе предвид маката да се произведе дури и гратис доаѓа – тврдат пазарџиите од скопски Буњаковец.

Сепак, пазарџиите велат дека допрва ќе има зголемување кое најмногу ќе дошло до израз токму кога ќе почне сезоната на зимници.

– Сега е сезона и на одмори, па и нема толку побарувачка, но кога ќе почне сезоната на зимници ќе се бара повеќе, тоа по правило си носи и раст на цените. Таков си е пазарот – вели друг продавач.

Надлежните смируваат – нема да дозволиме поскапување

Надлежните смируваат – нема и нема да има драстично зголемување на цените на градинарските култури. Сепак, доколку тоа се случи државата ќе интервенира за да ја „испегла“ разликата меѓу понудата и побарувачката.

– Владата тоа нема да го дозволи и ќе интервенира секаде каде што е потребно. Ако се соочиме со недостиг од производи, има решенија. Тие може да се увезуваат, голем дел од нив и се увезуваат. Нема никакви интервенции на светските берзи и нелогично е цените да се зголемуваат. Поплавите нема да се одразат на подигнување на цените, најголем дел од тие градинарски производи не се од тој крај. Тоа се шпекулации што некој сака да ги искористи во своја корист – вели заменик – министерот за економија Христијан Делев.

Државата веќе интервенираше за одредени производи

Државата веќе интервенираше откако дел од трговците драстично ги поскапеа гумените чизми, лопатите, ракавиците, свеќите, водата, средствата за дезинфекција кои се и најбарани во поплавените подрачја. Беше донесена одлука тие да се вратат на нивото од 5-ти август и да останат непроменети до крајот на месецот – не смее да се заработува на маката на погодените.

„Македонија се соочува со последиците од невремето, а одредени трговци ова го искористија во своја полза, што беше многу нефер од нивна страна. Со оваа одлука на некој начин веќе му дадовме право на Пазарниот инспекторат и другите инспектори да вршат надзор и да казнуваат доколку има нелогични цени односно енормно зголемување… Казните се високи и достигнуваат и до неколку илјади евра, а може да бидат затворени и објекти“ изјави заменик – министерот за економија Христијан Делев.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close