Земјоделците од Прилепско преку метеоролошки станици ќе ги следат временските прилики
Во прилепските села Галичани и Канатларци се инсталирани две метеоролошки станици коишто ќе ги мерат временските прилики, а со тоа ќе им помагаат и на земјоделците во извршување на нивните работи.
Во прилепските села Галичани и Канатларци се инсталирани две метеоролошки станици коишто ќе ги мерат временските прилики, а со тоа ќе им помагаат и на земјоделците во извршување на нивните работи.
Овие метеоролошки станици имаат сензори коишто ја покажуваат висината на температурата и влажноста на воздухот, воздушниот притисок, брзината на ветрот, количеството врнежи, како и соларната радијација. Освен тоа ја мерат и температурата на земјиштето – почвата.
– Станиците се целосно автоматизирани, што значи дека корисникот нема да оди до локацијата каде што е поставена за да ги прочита податоците, туку податоците ќе ги добие на компјутерска и мобилна апликација. Станиците на секои 10 минути регистрираат нови промени и преку GPRS ги испраќаат до сервер. Таму се обработуваат и се препраќаат до компјутерската и мобилната апликација, истакнуваат од Општина Прилеп.
Агрометеоролошките станици се поставени во консултација со подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од Прилеп. Станиците ги набави и ги постави Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион со софтвер за земјоделски култури. Оваа новина е дел од проектот „Иновациите во функција на унапредување на земјоделството во Пелагонискиот регион“.
Добиените податоци од одредената локација ќе ги користат и агрономите и земјоделците, така што ќе се следи појавата и интензитетот на нападот на одделни штетници – предизвикувачи на болести на земјоделските култури.https://meta.mk/zemjodelczite-od-prilepsko-preku-meteoroloshki-staniczi-kje-gi-sledat-vremenskite-priliki/