fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Железничкиот транспорт лани со загуби од 512 милиони денари и двојно помалку патници

Загуби од 45 милиони денари во патничкиот сообраќај, 145 милиони во товарниот

Со физибилити студијата што ја најави Владата треба да се одредат следните чекори што ќе овозможат ефективно и ефикасно работење, како и квалитетна услуга за железнички транспорт на граѓаните преку ЖРСМ Транспорт, кое и минатата година забележа загуби во работењето. Возниот парк, според најавите, ќе се обнови со две локомотиви донација од Турските железници со кои се разгледуваат можности за соработка во делот на одржување на железничките возила.

Загуби од 45 милиони денари во патничкиот сообраќај, 145 милиони во товарниот

Од железничкото претпријатие за МИА велат дека ја завршиле  2020 година со негативен резултат заради состојбата со Ковид-19. Нивните податоци покажуваат вкупна загуба од 512.123.000 денари. Во товарниот сообраќај претпријатието бележи загуби од 145 милиони денари, а во патничкиот од 45 милиони денари. Се надеваат дека  ќе се надмине ситуацијата со Ковид 19 и ќе нема порестриктивни мерки што ќе влијаат на обемот на работа.

-Уште од поделбата на нашата компанија во 2007, на Инфраструктура и Транспорт, ЖРСМ – Транспорт А.Д ги има наследено сите долгови на компанијата и од тогаш не е во можност да функционира како што треба имајќи ги во предвид судските одлуки коишто произлегуваат како последица на неподмирени (стари ) долгови кон домашните компании и кон странски железници. ЖРСМ – Транспорт А.Д. оваа година ја заврши со негативен резултат заради ситуацијата со КОВИД 19. Нашите евидентирани податоци покажуваат загуба од 512.123.000 денари, а во 2019 година имаше загуба од 403.954.000 ден, изјавија од ЖРСМ Транспорт АД.
Оттаму велат дека имаат негативно мислење околу можноста за приватизација, но потенцираат дека ЖРСМ – Транспорт А.Д е од значајна вредност за државата и како таква е со специјален општествен интерес.

Во постапка се за донација на две локомотиви од Турција, а потоа ќе следи и соработка со Турските железници (ТЦДД) за одделот влеча на возови и одржување.

–  Во постапка е процесот на двете локомотиви што ќе ги добиеме од Турција. По завршувањето на ова, ќе следи постапката за соработка на ЖРСМ – Транспорт со ТЦДД во врска со влеча и одржување на возовите. Сега нема ништо конкретно за влеча и одржување на возови, но работиме на завршување на постапката за локомотивите, велат од ЖРСМ Транспорт АД, чие раководство неодамна претсојуваше во работна посета на Турските железници.

Субвенции од 400 милиони денари за патничкиот сообраќај

Од Кабинетот на вицепремиерот за координација на економските ресори во Владата за МИА информираат  дека во Буџетот за 2021 година  се предвидени 400 милиони денари субвенции за загуби во патничкиот собраќај, ист износ како и во претходните години.  

-Токму поради тоа Владата размислува за начини на реструктурирање на некои од јавните претпријатија, вклучително и МЖ Транспорт за која ќе се изработи физибилити студија која ќе ги одреди следните чекори кои ќе носат кон ефективно и ефикасно работење, како и квалитетна услуга за железнички транспорт на граѓаните, велат оттаму.

Со годишниот план за јавни набавки предвидени се средни или главни поправки на дел на железничките возила.  ЖРСМ Транспорт и Турските железници, велат од Кабинетот на вицепремиерот, продолжуваат со интензивни комуникации на сите нивоа за донација на локомотиви од страна на Турската железница како и проширување на соработката околу одржување и обука за железничките возила.

Со воз заклучно со ноември лани патувале 234.115 лица

Заклучно со ноември лани ЖРСМ Транспорт превезле 234.115 патници во внатрешниот патнички сообраќај, што како последица на ковид пандемијата е повеќе од двојно помалку споредено со 2019 година. 

По регистрираните 39.628 патници во јануари 2020, 31.349 во февруари и 22.237 во март, поради пандемијата и воведени рестриктивни мерки, следеше значителен пад во април и мај, кога биле превезени вкупно 3.059, односно 9.317. Наредните месеци се бележи зголемување, односно во јуни се превезени 15.433 патници, во јули 20.242, август 21.803. Во септември 26.359, во октомври 25.327, во ноември 19.361.

Во 2019 година, железничкото претпријатие превезе вкупно 546.438 патници, а месечниот број тогаш тогаш се движеше меѓу 37.000 и 52.000. Приближна бројка беше регистрирана и во 2018 и изнесуваше 534.264.

Возниот парк делумно во функција 

Деталниот преглед за состојбата на возниот парк покажува дека ЖРСМ Транспорт поседуваат осум електрични локомотиви од серија 441, од кои во сообраќај се две. Една се користи за патнички сообраќај и ги опслужува релациите Скопје-Велес и обратно како и Скопје-Табановце и обратно, а една за товарен. Од трите електрични локомотиви од серија 442, во сообраќај е една локомотива, која се користи и за патнички сообраќај и за товарен сообраќај зависно од потребите и интензитетот на работниот процес. Од трите електрични локомотиви од серија 461 и од двете електрични локомотиви од серија 462 не е во сообраќај ниту една. Од 14-те дизел локомотиви од серија 661 во сообраќај се три. Од нив условите за редовен сообраќај ги исполнува една локомотиви. Локомотивите од оваа серија се користат за товарен сообраќај, но по потреба можат да го опслужуваат и патничкиот сообраќај на релација Скопје-Кичево и обратно, Скопје-Битола и обратно и Скопје-Кочани и обратно. Нема во сообраќај ниту една од четирите ЕМВ од серија 412, а од двете од серија 411 во сообраќај е една. Електро моторната гарнитура (441-103/104) ги опслужува возовите од патнички сообраќај на релација Скопје- Гевгелија и обратно, како и по потреба локалните возови.
Поседуваат и шест ДМВ од серија 712 од кои во сообраќај е една која ги опслужува возовите од патнички сообраќај на релација Скопје- Кичево и обратно или Скопје- Кочани и обратно. Од четирите ДМВ од серија 711, во сообраќај е една. Дизел моторниот воз (711-005/006) ги опслужува возовите од патнички сообраќај најчесто на релација Скопје- Битола и обратно. Од четирите електро локомотиви од серија 443, во сообраќај се три и тие ги опслужуваат возовите во товарниот сообраќај.https://nezavisen.mk/zheleznichkiot-transport-lani-so-zagubi-od-512-milioni-denari-i-dvojno-pomalku-patnici/

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close