fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Кумановските занаетчии бараат општината да им помогне да отворат сувенирница

Занаетчиите од Куманово бараат Општината да им помогне да обезбедат деловен простор за отварање занаетчиски дуќан, во кој ќе се продаваат нивните производи и ракотворби.

Занаетчиите од Куманово бараат Општината да им помогне да обезбедат деловен простор за отварање занаетчиски дуќан, во кој ќе се продаваат нивните производи и ракотворби. Тоа би било сувенирница, којашто ќе ја посетуваат домашните и странски туристи, но и граѓаните кога сакаат да однесат рачно изработен автентичен подарок од градот.

„Тоа е идеја која што опстојува повеќе години, но сѐ уште нема реализација. Сега ќе разговараме со градоначалникот ако може да ни помогне да направиме една сувенирница, во која ќе бидат претствени сите занаети, од кујунџии, грнчари, опинчари, ракотворби од вез и накит. Најдобро е таа биде во централното градско подрачје каде посетителите ќе можат да видат со што располагаме и можат да купат, а со тоа да ни дадат поддршка за нашиот опстанок. Бараме поддршка од Занаетчиската комора и од Општината да ни помогнат да истраеме и да опстанеме како занаетчии, за да го претставуваме и градот и државата и со тоа да ги мотовираме младите да ги наследат занаетите и да остане нашата традиција. Ние сме 4. генерација грнчари во Куманово, занаетот го започнал мојот прадедо и сакаме да опстане и понатаму“, вели Стојан Трајковиќ, производител на грнчарски производи.

Тој потенцираше дека малите занаети се многу погодени од коронакризата и доколку не била обезбедена помош за исплата на плати од државата, повеќе од сигурно е дека повеќето од нив би ставиле клуч на работилниците. Трајковиќ се надева дека пандемијата што поскоро ќе заврши и тие ќе се вратат на своите редовни обврски и на тој начин да ја чуваат и пренесуваат македонската традиција на идните генерации.

Регионалната занаетчиска комора во Куманово со поддршка на Министерството за економија отвори канцеларија, во која е поставена етно одаја, со носии и предмети кои ги произведувале кумановските занаетчии. Експонатите ќе бидат изложени само во наредните три месеци.

„Преку оваа етно одаја сакаме да се потсетиме на нашите стари занаети, но и да покажеме со што се соочувале нашите предци низ времето, додека развивале разни занаети и работеле во нивните работилници. Делата на занаетчиите говорат и после многу години, децении и векови, затоа што оставиле трајни белези и обележја, цркви, манастири, џамии кои денес се културни споменици и наша историска вредност и гордост. Впрочем во нашето Куманово се гордееме со Занаетчискиот дом, за кој работеле ангарија односно волонтерски сите тогашни занаетчии“, вели Агрон Фазли, претседател на Занаетчиската комора.

Секретарот на Општина Куманово Александар Гелевски вели дека локалната власт ја поддржува занаетчиската заедница со тоа што секоја година избира сувенир на градот, со кој ја промовира традицијата и културата и обичаите на своите сограѓани.https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/kumanovskite-zanaetchii-baraat-opshtinata-da-im-pomogne-da-otvorat-suvenirnitsa/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close