Тетовски грав се произведува и на бамбус и трска
Поголеми приноси, органски начин на производство и механизирано берење се придобивките од новиот начин на производство на грав со бамбуси и трска. Специфичниот, но и многу успешен начин на производство на грав, веќе втора година се практикува кај нас во полошкиот регион, на ниви засадени со нашиот најпознат тетовски грав.
Неколку недели пред почетокот на годинешната берба, од кооперативата „Екофасуле“, во која членуваат десетина производители, очекуваат новото производство да ги оправда инвестициите. Обилните врнежи од дожд се добредојдени за тетовскиот грав кој бара многу вода, а земјоделците од оваа сезона очекуваат подобри приноси и поголем квалитет. Годинава се засадени 3 хектари грав, во околината на Тетово, каде што како потпора се користат бамбусови стапови и трски, откако минатата година пробните садења покажале двојно поголеми приноси. Одгледувањето грав на овој начин е познато и практикувано во многу земји, за разлика од кај нас, каде што традиционално се користат пченицата или пченката.
„Инвестицијата во бамбусовите стапови и трски е многукратно исплатлива бидејќи истите можат да се искористат неколку години по ред, а дозволуваат и воведување на механизирано берење“, вели Ељеса Зибери, чие семејство е дел од задругата и традиционално се занимава со производство на тетовски грав.
Идејата и начинот на производство е од Грција, од каде што се донесени и бамбусите. Трската, пак, е произведена во Гевгелија. Сепак, количините се ограничени, па проширувањето на површините на кои ќе се сади со бамбус и трска ќе се зголемуваат етапно.
„Следните неколку години ќе се обидеме етапно да дојдеме до површина од 10 хектари. Најтешко е да се обезбеди бамбусот, кој мора да се увезе од Кина или Тајланд, а цената, заедно со транспортот до Солунското пристаниште чини од 10 до 13 денари за еден бамбус. Ако за еден хектар ни се потребни 20.000 парчиња, значи станува збор за почетна инвестиција од 4.000 евра. Со оглед на тоа дека бамбусите се користат и по десетина години, а трските пет-шест години, се исплатува да се инвестира, но проблем е кога парите треба да се дадат одеднаш“, вели Мемет Синани, производител на грав и пченица од тетовско Камењане и член на „Екофасуле“.
Во следните години производителите, освен во бамбус и трска ќе треба да инвестираат и во потребната механизација, модифициран комбајн за жетва на грав, како и машини за сечење и чистење. Во меѓувреме дел од производителите, членови на задругата ќе се сертифицираат за органско производство, а во постапка се и за добивање на правото да го користат брендот тетовски грав.
„Гравот е баран производ на нашиот пазар и има добра цена. Во моментов, во пресрет на годинешната берба, откупната цена се движи од 100 до 120 денари за килограм. Најчесто на почетокот на бербата се качува и до 150 денари за килограм. Но, најголемиот трошок во производството на грав е бербата, бидејќи е рачна и чини до едно евро за килограм, кое му се плаќа на берачот. Поради тоа за нас е многу исплатливо производството со бамбус и трска, кое дозволува механизирање на тој процес“, вели Зибери.
Засега сите произведени количини се за македонскиот пазар. Во иднина, по брендирањето, посочуваат производителите, планираат самите и да го пакуваат гравот и да го изнесат на странските пазари.