fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Почнаа бербите на лутите пиперки во Банско

Во Струмица, првите берби од Банско дочекани со увоз кој ја преполови откупната цена

Секогаш на почетокот на годината најактуелно е земјоделското производство во струмичкото село Банско од каде се најавува стартот на производната година. Богато со извори на топла термална вода спроведена преку бескрајна мрежа од црева од пластеник во пластеник за максимално искористување на нејзината температура, околината на ова село е максимално искористена за да бидат првите кои имаат плодови за пласман на пазарот. Но годинава според првите откупни цени не се најавува добар старт на годината. Рано градинарите од Банско главно производители на лута пиперка  која е вообичаено првиот свеж земјоделски производ кој стасува за берба се незадоволни што немаат никаква заштита од увозните лути пиперки кои го преплавуваат пазарот уривајќи ја вообичаената цена од 10 денари за парче на 5 денари годинава уште на самиот старт. Ова е втора последователна година со ниски цени бидејќи лани токму кога почнаа бербите заради корона кризата се затворија угостителските објекти кои и најмногу трошат ваква лута пиперка која се произведува во Банско.

За да можат во средината на јануари да берат тие својата работа ја почнуваат при крајот на есента со засадувањето на расадот и неговото одгледување особено критично и ризично во најстудените денови од зимата кога не треба да падне температурата на воздухот во пластениците под 8 степени за да нема стагнирање на производството. Често имаат и трошоци за догревање на водата за да може да се постигне оваа температура во фолиите кои се со неколку полиетиленски платна за што пак голем проблем до скоро беше тоа што сите плаќаа поскапа односно индустриска струја, а од скоро е договорена можност да ги префрлат сметките на нормална тарифа бидејќи се работи за земјоделско производство. Погледнати од малку повисоко ова место изгледа како своевидно море од пластеници кое се протега во недоглед  и се поврзува со соседните села каде во пластениците каде нема топли води се разгорени импровизирани ќумбиња за загревање и одржување на температурата и каде сега допрва почнуваат си производството на расадот. Во еден од пластениците директно на терен меѓу производителите го затекнавме и нивниот долгогодишен пријател и советник од агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството агрономот Стојан Глигоров. Секое земјоделско производство најдобро се согледува на терен и помеѓу производителите каде се разменуваат искуства и совет како некои од агротехничките мерки да се подобрат макар и за малку но од тоа да имаат поголема добивка производителите.

-Ова се рано градинари во вистинска смисла на зборот и земјоделци за пример кои максимално го искористуваат природниот потенцијал за домашниот па и извозниот пазар да го снабдат со свеж производ уште во текот на зимските месеци. На овие земјоделци треба само да им се овозможи да работат и да произведуваат и да се бара начин како да  им се подобрат условите за уште повеќе да произведуваат квалитет и квантитет. Сведоци сме од теренот колку рано веќе има пластеници кои имаат берат втора па и трета берба. Се работи за специфично производство кое го демнат многу предизвици од аспект на болести и штетници но ги советуваме да внимаваат и на температурата. Една од честите грешки е одржувањето на висока температура која во услови кога нема доволно сончеви денови придонесува растенијата така наречено да се исциглат и да станат помалку отпорно па се увидело дека е подобро да се одржуваат температури малку пониски за да се добијат поотпорни растенија, рече агроном Стојан Глигоров раководител на струмичката регионална Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството.

Ова производство е често соочено со сериозни предизвици и закани кои ако не се решат со вистински агротехнички мерки може да значат губење на бербите. Заради тоа што надвор е среде зима а внатре во пластеникот растенијата тоа не смеат да го почувствуваат мора да се внимава на топлината а воедно да не изостане навременото наводнување. Сето тоа придонесува да има повисока релативна влага во воздухот која што влагата придонесува да мора повеќе да се внимава на појавата на пламеница, пепелница, црна дамкавост па и ботритисот. Во последно време според Глигоров зголемена е опасноста од штети од трипсот кој е многу мал за да се забележи дали е присутен а бидејќи се храни со толчниците на цветот што се и најнежните делови на растението без кои не може да се врзе плод единствено го забележуваат земјоделците кога ќе почне опаѓањето на цветовите.

Во последно време понапредните земјоделци ставаат и лепливи табли со кои се контролира колкав е нападот од трипсите и навреме укажуваат за преземање на мерки за заштита. Она што го применуваат поискусните градинари а се покажало како доста ефикасно е поставувањето на црна мулч фолија меѓу редовите за да се конзервира влагата во почвата и да се намали испарувањето со што се губат капките кои се кондензираа на таванскиот најлон и кои се опасна појава и потенцијал за појава на  болести.  Во дел од пластениците забележавме дека рано градинарите се ориентирале наместо на одгледување на лути пиперки кон одгледување на пиперка капија но не онаа за ајвар туку за свежа консумација на пазарот со што би ја избегнале конкуренцијата од увозните лути пиперки кои полека ни го преземаат пазарот.

Тим на Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close