Велешка Маслодајна ги поттикнува земјоделците да го зголемат производството
Прехранбена индустрија „Кристал 1923“ А.Д од македонските земјоделци откупи 3 000 тони сончогледово семе, кое е појдовна суровина за производство на рафинираното масло за јадење.
Велешка Маслодајна поранешна Прехранбена индустрија „Благој Ѓорев“ А.Д , а од лани преименувана во Прехранбена индустрија „Кристал 1923“ А.Д од македонските земјоделци откупи 3 000 тони сончогледово семе, кое е појдовна суровина за производство на рафинираното масло за јадење. Како што информираат за МИА од Маслодајна „Кристал 1923“ поголем дел од преостанатите количества на сончоглед биле откупени од странство по значително повисока цена.
– Со оглед на тешката економска криза за време на пандемијата бевме приморани да ја купуваме и дополнуваме од соседните земји по значително повисоки цени, отежнати транспортни услови, зголемени непланирани трошоци со кои мора да се справиме се со цел да обезбедиме доволно залихи на квалитетно масло за јадење за нашето население и добра цена за секој купец, појаснуваат од Прехранбената индустрија „Кристал 1923“.
Тие лани склучиле договор со 120 земјоделци, а веќе се подготвуваат и кон средината на февруари да почнат да склучуваат договори со земјоделците за оваа производствена 2021 година.
Од „Кристал 1923“ ја потенцирале важноста на враќањето на сончогледот на македонските ниви, како за земјоделците кои ќе имаат сигурен откуп, така и за државата и правилното насочување на субвенциите во насока на зголемување на домашното производство и намалувањето на одливот на девизи.
– Со гарантирање на сигурен откуп сакаме да ги мотивираме и охрабриме нашите земјоделци да ги зголемат своите капацитети и оваа година да излезат со поголемо производство на маслодајни семиња, велат од велешка Маслодајна
Помал дел од земјоделците, производители на сончоглед кои склучиле договор со велешка Маслодајна се од Велешко, а поголем дел од битолско-пелагонискиот регион и од Кумановско.https://nezavisen.mk/veleshka-maslodajna-gi-pottiknuva-zemjodelcite-da-go-zgolemat-proizvodstvoto/