fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Македонското јагне годинава се соочува со најниска откупна цена

Од февруари до април сточарите ќе понудат 150 илјади јагниња.

Македонското јагне годинава се соочува со најниска цена и покрај докажаниот висок квалитет и покрај недостигот на европскиот пазар каде традиционално извезуваме, реагираат одгледувачите на овци. Сточарите не се согласуваат со откупувачите дека цената на домашното јагне ја диктира купувачот од надвор.

Моментно, откупната цена за килограм јагне жива мера е 140 – 150 денари, но овчарите велат дека треба да изнесува 160 –170 денари. Од февруари до април сточарите ќе понудат 150 илјади јагниња.

Според Никола Ѓеоргиев, претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци лани, цената во овој период беше иста како сега, околу 150 денари за килограм, но во периодот на зголемена понуда, падна на 110 – 120 денари. И сега се очекува пак да падне кога ќе порасне понудата. Шпицот на понудата е од 20 март.

-Цената на јагнешкото на светските пазари од 2015 година претрпе голема дигресија, појава која предизвика ураган во овчарскиот сектор кај нас, континуиран пад на бројот на овци, демотивација и деморализација кај одгледувачите. Минатата 2020 година, светскиот пазар на јагнешко месо се стабилизира и прв пат во однос на претходните пет години се постигна највисока просечна продажна цена. Прв пат се појави недостиг на јагнешко месо на европскиот пазар, кој е наша целна група. Но, во нашава земја, под изговор на корона кризата, повторно имаше намалување на просечната откупна цена на јагнињата. Истото ни се случува и оваа година, иако јазот меѓу побарувачката и понудата се зголемува, односно на европскиот пазар има помала понуда дури од минатогодишната, вели за „Зелена берза“ претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Никола Ѓеоргиев додавајќи дека откупувачите, и покрај милионскиот капитал остварен од извозот на јагне од наше производство, бараат безцарински увоз на живо јагне од ЕУ со цел реекспорт за уште поголем личен профит. Но доколку се дозволи тоа овчарите немаат никаква сигурност дека јагнињата ќе им  бидат откупени и дека вистина ќе порасне откупната цена.

Сточарите aпелираат до владата за доделување на локации за потенцијални инвеститори, за изградба на извозни кланици, кои не би учествувале во моментално воспоставениот олигополски круг на сложни откупувачи што на наша штета секогаш ја диктираат цената.

Откупувачите се изјаснија дека купувачот ја одредува цената

-Се уште не се знае цената што би можеле ние да ја платиме за домашното јагне зашто се уште не се прецизирани програмите како ќе оди откупот за Велигден. Цената која ние ја добиваме како понуда за извоз, всушност ја диктира цената за откуп дома. Нашите странски партнери си го гледаат пазарот таму, локално, кај нив, и доаѓаат со понуда. Велат, ако сакате да ви го откупиме јагнето, можеме да платиме толку и толку. Ние, согласно тоа, им кажуваме на овчарите колку можеме максимум да платиме. Сепак, цената ја диктира купувачот од надвор, објаснува за МИА Весна Станоевска од извозната компанија „Стоко промет – Стоко импекс“.

Растат цените на производство

Според Ѓеоргиев, остатокот од европските фактори – извозници на јагнешко, очекуваат и добиваат покачена вредност на јагнињата, не само поради недостигот, туку и поради зголемените цени за производство.

-Цената на пченката, како основа за прехраната на јагнињата, е покачена е за 30 – 40 проценти во однос на минатогодишната, додека сојата е поскапена за 30 отсто, медикаментите се поскапени за 20 проценти, како и сите други фактори кои влијаат во производството на јагнешко се покачени во одредена мера. Доколку пред две и повеќе години причините за ниска цена на јагнешкото ги баравме во конкурентските цени, сега би можеле да кажеме дека најниска цена на јагнешко е во нашава земја заедно со Србија, дециден е Ѓеоргиев.

Сточарите благодарни за поддршка од државата

Во овој децениски проблем меѓу овчарите и откупувачите, светла страна е поддршката од државата.

-Би сакал да искажам огромна благодарност на релевантните институции кои секогаш ни посветувале време за да ги елаборираме нашите проблеми и да предлагаме решенија за истите. Изминативе години можеме да изразиме голема благодарност до МЗШВ и Владата на Р.С Македонија кои прифатија повеќе мерки и програми за спас на овчарството, што придонесува се уште да се одржува во живот секторот овчарство и покрај тоа што сме шиканирани од страна на кланиците и извозници на јагнешкото, вели Ѓоргиев.

Одгледувачите на овци бараат годинава субвенциите да ги добијат на време, пред почетокот на март.

 

Анета Блажевска

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close