fbpx
ВестиМакедонија

Ќе се бара заем од над 55,3 милиони евра за изградба на регионалните депонии во пет региони од земјава

Владата на почетокот на февруари го одобрила започнувањето на постапката за обезбедување на заем од меѓународните финансиски институции за воспоставување на регионални системи за управување со отпад во Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион.

На барање на Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата на почетокот на февруари го одобрила започнувањето на постапката за обезбедување на заем од меѓународните финансиски институции за воспоставување на регионални системи за управување со отпад во Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион. За оваа цел, ќе бидат неопходни над 55,3 милиони евра, со кои ќе може да се започне изградбата на основната инфраструктура за управување со отпадот, информираат од ова министерство.

Кога станува збор за воспоставувањето на регионален систем за управување со отпад во Полошкиот регион, Швајцарија изрази подготвеност за продолжување на финансиската поддршка од Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), преку обезбедување на дополнителни средства за воспоставување на инфраструктурата и имплементација на Регионалниот план за управување со отпадот. Услов на швајцарските власти е државата исто така да има свој удел во средствата за продолжување на планираните активности.

Ова беше разговарано на средбата меѓу швајцарската амбасадорка Сибил Зутер Техада и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Тие се сретнаа со претставници на консултантскиот тим и изведувачот за увид во прогресот на имплементацијата на брзите мерки за рехабилитација на постојната локација за депонирање на отпад во Русино.

Со тековниот проект на депонијата во Русино се гради систем за управување со исцедок со кој преку мрежа на насипи и ровови ќе се оневозможи доток на поројни води во депонираниот отпад и истекување на исцедокот надвор од локацијата. Исцедокот ќе се собира и преку рециркулација ќе се враќа назад во депонијата. Депонијата во Русино ќе добие и вага со кои ќе се утврдува колку точно отпад пристигнува на локацијата.

Реализацијата на овие мерки се предуслов за отпочнување на втората фаза од процесот на воспоставување на интегриран самоодржлив систем за управување со отпад во Полошкиот регион, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање. Во овој регион кон крајот на 2020 година беше формирано и заедничкото јавно претпријатие за управување со отпадот во Полошкиот плански регион, а следниот чекор е сите општини заеднички да ја изберат идната локација на која би се градела регионалната депонија како замена за постојната локација во Русино.https://meta.mk/kje-se-bara-zaem-od-nad-553-milioni-evra-za-izgradba-na-regionalnite-deponii-vo-pet-regioni-od-zemjava/

Слични написи

Back to top button
Close