fbpx
Вести

Купува „шардоне“, пишува „ризлинг“, краде 6 денари од килограм

Купува „шардоне“, пишува „ризлинг“, а со тоа уште во старт краде 6 денари по килограм, затоа што „шардонето“ треба да го плати најмалку 18 денари за килограм, а ризлингот се плаќа 12 денари. Вакво нешто се случувало на откупен пункт во Тиквешко како најголем лозаровинарски регион во Македонија, обелоденува за „Утрински весник“ Љупчо Аризанов, лидер на лозарите.

kupuva shardone pishuva rizling krade 6 denari od kilogram

 

„Точно е дека ударни и најзастапени сорти на грозје се ’вранецот’ и ’смедеревката’ и дека кога се преговара за цени со винарите, всушност, се преговара за нивните цени. Но, ако се каже дека остануваат ланските цени, тоа значи дека остануваат истите цени од минатата година и за висококвалитетните сорти на грозје. Иако за тие сорти најголемиот дел од винарниците не сакаат ниту да разговараат за време на преговорите. И, наместо и тие сорти да се откупуваат по старите цени, некои од винарите сакаат да ’ловат во матно‘, па повторно, како и години наназад, се обидуваат да ги манипулираат лозарите. И така се случува тоа што веќе е регистрирано на откупен пункт и за што се алармирани и надлежните институции“, вели Аризанов.

Тој, како претседател на регионалниот сојуз на лозари „Агротиквешија“ од Кавадарци, потенцира дека такво нешто не смее да се повтори, како што не смее да се повтори и кражбата при шеќерни единици и при мерењето на грозјето што се продава, на што алармираа производителите на грозје пред надлежните служби и во текот на изминатите години.

Аризанов потсетува на ставот дека е најдобро да се продава македонското грозје во домашните винарски визби и да се гради бренд на светскиот пазар, но, исто така нагласува дека тоа важи само ако грозјето се плаќа според реалните или договорените цени. Во спротивно, вели, најдобро е тоа да ги полни странските винарници.

„Според податоците со кои располагаме како здружение на лозари, на стартот на гроздоберот на винските сорти на грозје, досега само преку царинската испостава во Кавадарци се извезени околу 1,5 милиони килограми грозје наменето за правење вино. Грозјето заврши на пазарите во Босна, Србија, Албанија и Црна Гора, најмногу во Босна и Србија. Се работи за грозје од сортите ’шардоне’, ’темјаника’, ’ризлинг’ и ’вранец’. Дознаваме дека странците биле особено заинтересирани за нашиот ’вранец’, а веќе биле извезени и првите количини на ’смедеревка’. Имало уште интерес од странски откупувачи за македонското грозје“, вели Аризанов.

Тој додава дека грозјето ќе заврши во странство доколку домашните винарници не покажат поголема сериозност во односот кон производителите на грозје.

„Оние што нема да се снајдат при продажбата на грозјето, а веруваме дека ќе има и такви, најверојатно ќе одлучат од грозјето да прават ракија. Оправдано е незадоволството кај оние лозари кои порано од одделни винари беа убедувани да садат висококвалитетни сорти грозје и го сторија тоа, а сега, кога некои од тие сорти паднаа од прва во трета класа со цените, грозјето или им го откупуваат по цени како ’вранец’ и ’смедеревка’, или воопшто не им го откупуваат“, нагласува Аризанов.

Винарите кои ги консултиравме, вообичаено не сакаат да зборуваат за цените и за проблемите кои се на релацијата меѓу производителите од една и откупувачите и преработувачите на грозје од друга страна.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close