Петре Пешков – Најубавите вина секогаш имаат своја приказна
Младиот и успешен Пешков, основач на Семејна винарија Пешков.
Најубавите вина секогаш имаат своја приказна со којашто се истакнуваат во посебно светло. Посебно задоволство ни претставува што нашата винарија може да се истакне со една приказна за единственото сертифицирано органско бело вино во нашата држава, виното „Фариш“. Нашето мото е: Да работиме во склоп со природата, а не против неа! Вака може накусо да се опише сликата за новата Семејна винарија Пешков чиј основач е младиот и успешен Петре Пешков од Кавадарци.
Петре има 28 години, тој е енолог по професија, а со неговата Семејна винаријата Пешков се издвојува по сертифицирано органско бело вино „Фариш“ кое се карактеризира со присуство на арома на зелено јаболко, бледожолта бистра боја и освежителен вкус.
Овој производ е органски, бидејќи при одгледување на лозовите насади не се користени вештачки ѓубрива и пестициди. А тоа значи дека Семејна винарија Пешков совесно се однесува и кон природата која не треба да трпи последици за некој да може да ужива во вкусно грозје и квалитетно вино.
-Тиквешкото подрачје одамна е познато дека претставува регион каде што има одлични услови за одгледување на лозови насади, па за тоа може и да се произведе квалитетно грозје. Фактот дека може да се произведе квалитетно грозје ми вроди идеја да ја продолжам семејната традиција во одгледување на лозови насади и јас лично да ги искористам бенефициите, така што ќе го преработувам сопственото грозје и од него ќе произведувам висококвалитетни вина и маџун, вели Петре во разговор за „Зелена берза“.
Младиот винар ни ја открива приказната за семејната винарија, за условите за формирање и регистрација.
-Идејата да отворам сопствена винарија ја добив додека бев студент на Земјоделскиот факултет, при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, бидејќи навлегов во содржината за производство на вино од многубројните книги коишто почнав да ги изучувам. Уште еден доста важен фактор е тоа што почнав да присуствувам на различни дегустации и вински фестивали со што порасна мојата љубопитност и желбата да бидам дел од винската индустрија. Инаку за да може еден лозар да регистрира семејна винарија, не е потребно да се исполнат многу специфични услови кои би биле тешко остварливи, туку се бараат минималните услови и ограничувања со коишто ќе бидеме способни да произведеме вина кои ќе ги задоволат потребите на пазарот, а воедно и ќе бидат безбедни за консумирање, вели Пешков.
Семејството Пешкови обработуваат 3 хектари лозови насади кои се наоѓаат во село Ресава на надморска височина од 400 до 450 метри.
Но, што е она што е посебно во вината на Пешкови. Колку традицијата, а колку современите токови имаат влијание, и колку се применуваат стари марифети во производството на виното, оставени од дедо, прадедо.
-Произведуваме три сорти на вина, односно Вранец, Темјаника и Смедеревка. Не можеме да потенцираме едно вино кое е повеќе барано. Секогаш квалитетот е пресуден за нашите потрошувачи. При производството на вино ги применуваме современите технологии. Јас сум прва генерација во мојата фамилија која официјално се залага за производство на вино за продажба кое ги задоволува потребните стандарди. Но сепак, тоа што го гледав мојот татко, и мојот дедо како прават вино за домашна намена кај мене вроди желба и интерес и јас еден ден да почнам самостојно да произведувам вино. Нивните марифети и начини на производство ги заменив со нови и пософистицирани методи кои се применуваат во денешно време. Искуството на мојот татко како земјоделец ми беше и предуслов да започнам со обработување на лозовите насади. Неговото знаење е основата врз којашто јас почнав да менувам некои техники, но и да ги надоградувам, што се од голема важност за мене, вели младиот Пешков.
Тој вели дека како мала семејна винарија виното „Фариш“ е прв чекор кон остварување на целта за производство на органски вина.
-Она што е посебно во нашите вина е дека ние почнавме да ги третираме нашите лозови насади само со органски ѓубрива и сме во преодна ваза за добивање на Сертификат за органски производители на грозје. Ние не користиме никакви вештачки ѓубрива и пестициди за заштита на лозовите насади кои како што се штетни за природата, исто така се штетни и за самото грозје како финален продукт. Тоа е така затоа што сè што се нанесува на почвата и самата лоза, потоа преку низа биохемиски процеси преминува и во крајниот продукт. За тоа ние се одлучивме да произведуваме грозје и вино само со примена на органско ѓубре, коешто не е штетно за природата, а со тоа го зголемуваме квалитетот на самото грозје, кое секако е пресудно за да се произведе вино со висок квалитет. Исто така при преработката на грозје за производство на нашите вина ги користиме само минималните потребни конзерванси за заштита на виното од оксидација и не применуваме хемикалии за да го подобриме квалитетот на виното во однос на бојата, вкусот и мирисот, вели Пешков, додавајќи дека тоа што се определил на ваков начин на производство му ги зголемува обврски и одговорности.
-Затоа што самиот начин на аплицирање на органски ѓубрива кои многу полесно се отстрануваат од лозата бараат многу поголема сосредоточеност на работата и вложување на многу внимание врз лозовите насади со цел истите сепак да бидат заштитени од надворешните штетни влијанија. Исто така не се применуваат стандардните процедури со механизација туку многу делови од процесот на обработка на лозовите насади мора да бидат извршени рачно, со што многукратно се зголемува и вложеното време за целосна и потполна обработка на лозовите насади, вели младиот лозар.
Пешков смета дека во нашата држава има услови за производство на вино затоа што има региони коишто се погодни за одгледување на лозови насади. Вината од семејна винарија Пешков има мал капацитет и виното го пласира на домашниот пазар.
-Ние ги следиме сите проекти коишто ги овозможува Министерството за земјоделие, и имаме аплицирано за еден таков проект, но се уште немаме добиено одговор. Се надеваме дека МЗШВ во иднина ќе биде поактивно и ќе ни стави на располагање многу повеќе ресурси и финансии, за тоа што во моментов немаме голема помош од државата, а за нас младите земјоделци е многу потребна за да можеме да се развиеме и да бидеме успешни, порачува Петре Пешков.
Анета Блажевска