Светот може да остане без кафе
Ако продолжи влошувањето на климатските услови и глобалното затоплување, ќе останеме без омилената напивка, кафето. Според истражувањато на Kлиматолошкиот институт на Австралија, овие промени ќе доведат до намалување за 50 отсто на производството на кафе до 2050 година и до негово исчезнување до 2080 година.
Постојат силни докази дека зголемувањето на температурата и промената во врнежите од дожд уште сега влијаат на приносите на кафе, квалитетот, штетниците и болестите, што битно влијае на економската безбедност во некои региони што се потпираат на производството на кафе, пишува во извештајот на институтот.
Kафето е важна култура на глобално ниво и втората највредна стока што ја извезуваат земјите во развој, чија вредност во 2015 година достигнала 19 милијарди американски долари. Во целиот свет дневно се пијат 2,25 милијарди чаши кафе.
Над 120 милиони луѓе во повеќе од 70 земји се потпираат на кафето како извор на приходи, а повеќето од 25-те милиони одгледувачи на кафе се мали одгледувачи.
– Ако не се здружат, нема да имаат доволно капацитет да се приспособат на топлиот свет. Поради тоа пазарот ќе стане непредвидлив и нестабилен – пишува во извештајот.
Водечките светски компании како што се „Лаваца“ и „Старбакс“ јавно признале дека постојат ризици од климатските промени за работата со кафето. Повеќето држави за кои извозот на кафе е важен економски фактор како што се Хондурас, Никарагва, Виетнам и Гватемала најтешко се погодени со климатските промени.
– Ова не се проблеми што би можеле да се случат во иднина, тие се случуваат сега – изјавил Марио Черути од „Лаваца“.