Пазарите преполни со краставици од Албанија и домати од Турција со сомнителен квалитет
Овој проблем, на кој земјоделците укажуваат последниве години, никако да се реши. Тие бараат намалување на увозот на земјоделските производи кои се произведуваат во државата со цел да се заштити домашното производство. И потрошувачите реагираат дека увозниот зеленчук, кој се продава на зелените пазари, не е вкусен и мириса на хемикалиите со кои го прскаат
Најголем дел од зеленчукот што се продава на зелените пазарите и во маркетите е увезен од Грција, Турција и Албанија. Освен високите цени увезениот зеленчук е со сомнителен квалитет, бидејќи вкусот на доматите и краставиците е далеку од оној на кој навикнале македонските потрошувачи. Земјоделските производители сметаат дека државата треба да го заштити домашното производство, да го редуцира увозот на оние производи кој се произведуваат во нашата држава. Зголемениот увоз на земјоделските производи последниве години придонесе да се намалат површините со градинарски култури, а со тоа и нивната понуда, а на пазарите сè поретко можат да се купат вкусни домашни домати и краставици.
Краставиците, кои се продаваат на зелените пазари во државата се увезуваат од Албанија и Грција, а цената им се движи од 100 до 120 денари за килограм, додека доматите, од кои најголем дел се увоз од Турција, се продаваат по цена од 80 до 100 денари.
-Зелените пазари преполни со домати од Турција, краставици од Албанија и Грција со сомнителен квалитет и со поинаков вкус од нашиот. Овој проблем не е од сега, секоја година е исто. Земјоделците немаат комуникација со надлежните институции и тие не ги знаат реалните проблеми со кој тие се соочуваат земјоделците на терен. Сето тоа придонесе за значително намалување на сите земјоделски култури кои се произведуваат во државата, вели за ВЕЧЕР, Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикати од Струмица.
Според него, Државниот пазарен инспекторат треба да врши поголема контрола и да види што се продаваат на зелените пазари. Се знае кој стандарди треба да ги исполнуваат земјоделските производи за да може да се продаваат на пазар. И со зеленчукот е слична ситуацијата како со путерот не знаеш што има внатре, објаснува Велков.
Земјоделците сметаат дека кога имаме квалитетно домашно производство на некој земјоделски производ, државата треба да го заштити и да го намали неговиот увоз.
-Најголем дел од зеленчукот кој се продава на пазарите е од увоз од Грција, Турција и Албанија. Нашиот, мислам на оној под пластеници, сè уште не е стасан. Последниве години поради големиот увоз на земјоделски производи домашното производство е намалено, а многу од земјоделците се откажаа од одгледувањето градинарски култури поради ниските цени. И јас го намалив производството на домати и крставици и сега поголем дел од површините ми се засадени со блитва, спанаќ, кромид, лук и магдонос, вели Ацо, земјоделец од Скопско кој држи тезга на Зелен пазар.
Вели дека цените на овие земјоделски производи освен тоа што се домашни се многу ниски и секој може да си ги дозволи, па поради тоа и полесно се продаваат. Блитвата е 20 денари китка, магдоносот од 15 до 20 денари китка, спанаќот 30 денари за килограм… И потрошувачите реагираат дека увозниот зеленчук кој се продава на зелените пазари дека не е вкусен и мириса на хемикалиите со кои го прскаат.https://www.vecer.press/%D0%BF%D0%B0%D0%B7%D0%B0%D1%80%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%BF%D0%BE%D0%BB%D0%BD%D0%B8-%D1%81%D0%BE-