Економските ефекти од Ковид-19 врз земјоделието
Еден од трендовите кои со забрзано темпо се развиваа последниве неколку години беше развојот на органско производство на храна и севкупно развој на земјоделското производство.
Еден од трендовите кои со забрзано темпо се развиваа последниве неколку години беше развојот на органско производство на храна и севкупно развој на земјоделското производство. Потребата да се храниме поздраво денесе сосема друга димензија и вреднување на она што е навистина природно. Општиот впечаток беше дека секој зеленчук или овошје, кои се произведени локално, ќе го најдат патот до крајните купувачи. Со самото тоа што економските стабилизатори (понуда и побарувачка) делуваа правопропорционално, цените на производите достигнаа вредност, која беше поттик за сите кои имаат слободно парче земја да го пренаменат во производствен агро-центар.
Како и сите други сектори, така и земјоделството беше на удар на корона- кризата и претрпи сериозни пореметувања и загуби во различни сегменти од процесот. Најбитните елементи се сегментирани во продолжение:
- Безбедност на храната – На почетокот на пандемијата, а исто така и денес сеуште се соочуваме со целосни или делумни затварања на градовите, а со самото тоа голем број на луѓе остануваат надвор од пристап до безбедна храна. Само да се навратиме на сиромашните семејства чии деца се хранеа во училиштата, оние луѓе кои живеат во руралните средини и немаат интернет и не можат да стигнат до потребните производи, како и бездомниците. Но, и ако се одземат овие категории на луѓе, сепак и за останатите, начинот на кој се стигнува до храна(достава на производи,супермаркети и сл.) не е во целосна координација со предвидените заштитни мерки. Економското влијание од потребата за здрава храна се ефектуираше врз поскапување на одредени продукти, намалување на потрошувачката за одредени продукти и масовно зголемување за други, централизирање на продажбата преку најголемите ланци за продажба, промена во начинот на производство(поголеми трошоци за пакување, транспорт и складирање на храната).
- Трговија – Од аспект на ова прашање има две дијаметрално спротивни гледишта. Првото, е дека кризата предизвика либерализација во трговијата со земјоделски производи. На пример, Кина значително ги намали тарифите за увоз на производи од САД, се со цел да се повлече од повекегодишната трговска војна. Дел од клучните производи кои беа опфатени со оваа мерка беа свинко месо, соја, памук и пченица. Второто гледиште, е насочено кон затварање на трговските граници поради страв од намалена домашна набавка. Казахстан, која е држава-лидер во извоз на пченица привремено го забрани извозот. Покрај ваквите протекционистички движења, од друга страна глобалната трговија со земјоделски производи е нарушена поради логистички проблеми. Нарушените ланци за снабдување со храна исто така го променија погледот кон адекватно планирање на производството и продажбата, а само тоа влијаеше и врз одлуките на лугето за прекумерно купување.
- Работна сила – Земјоделството е сектор каде се вработуваат голем број на луѓе со скратено работно време и каде има голема флуктуација во зависност од сезонски активноси. Периодите на берба или садење е пикот на максимална вработеност, а токму тоа беше предизвик да се изменаџира изминатава година, а проблемите не се надминати ниту на почетокот на новата сезона. Тоа што голем број на луѓе се болни, или не се во можност да патуваат претставува сериозна опасност врз големината на плантажите и користењето на принципите на економија од обем. Иако предвидувањата беа дека оние луѓе кои останаа без работа од други сектори ќе се вклучат во земјоделските процеси, сепак понудата на работна сила остана пониска од побарувачката. Сето тоа придонесе цената на трудот да се зголеми, но на крај и во такви услови се намали ефикасноста на земјоделското производство. Понатаму ефектот на негативности се прошири и врз критичните вработени за транспорт на производите(возачи на камиони, пристаништа за бродови), а со оглед на тоа што станува збор за стока која е лесно расиплива, притисокот за ефективно работење се зголемува. Таквиот притисок доведува до нарушување на физичкото и менталното здравје на фармерите и работниците, а со тоа предвидувањата се дека дополнително ќе се намалува работната сила.
Сите овие процеси се нови како за производителите, така и за потрошувачите и можеби сега е вистинското време кога треба да се даде поддршка на домашните производители на земјоделски производи. Чести се примерите кога при патувања во странство не ги наоѓавме правите вкусови на јаболкото, доматот, краставицата, пиперката и сл. Иако државата за сите овие години додека функционираме како независна држава не успеа да најде модел за масовно земјоделство и загарантиран откуп на производите, сепак малите фармери успеваа да најдат начин како да се изборат со таквите предизвици и треба да сме среќни што сеуште можеме да уживаме во природни вкусови.https://pari.com.mk/ekonomskite-efekti-od-kovid19-vrz-zemjodelstvoto/