fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

170.000 јагниња ќе завршат на велигденските трпези во Италија и во Хрватска

Претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Никола Ѓеоргиев, вели дека е постигната просечна откупна цена за јагнето од 140 денари, а највисоката достигната е 150 денари за килограм жива мера.

Повеќе од 170.000 јагниња се извезени досега во Италија и во Хрватска, а се очекува до крајот на годината да бидат извезени повеќе од 200.000 јагниња, информира Сојузот на одгледувачи на овци.

Претседателот на овој Сојуз, Никола Ѓеоргиев, вели дека е постигната просечна откупна цена за јагнето од 140 денари, а највисоката достигната е 150 денари за килограм жива мера.

– Оваа цена е повисока за 20 отсто од ланската, но е далеку под производната цена која годинава ќе надмине 180 денари за килограм жива мера бидејќи имаме зголемени трошоци поради повисоките цени на храната. Ова покажува дека одгледувачите на овци сѐ уште не се во состојба да планираат заработка од производството – вели Ѓеоргиев.

Одгледувачите на овци, поради промената на однесувањето на потрошувачите во Италија кои сега многу повеќе консумираат конфекционирано јагнешко отколку цело јагне, имаат поголема можност да пласираат и потешки јагниња од 16 килограми.

– Италијанците полека ја напуштаат традицијата за консумирање на цели јагниња. Сега е порасната побарувачката на конфекционирано месо во вид на котлети, бут или други делови, но главно во свежа состорјба. Расте побарувачката на јагниња со тежина од 20, 25 и 30 килограми. Интересно е тоа што цената без разлика на големината на јагнето е иста годинава – вели Ѓеоргиев за плус инфо .

Одгледувачите на овци се надеваат и на пласман на јагне и во периодот од април до мај кога е православниот Велигден и тоа на домашниот пазар и евентуално во Бугарија.

– Очекуваме да го искористиме и летниот период кога во Грција се користи јагнешно, но околу 10.000 до 15.000 ќе ги пласираме во декември пред божиќните празници. Тоа значи годинава ќе ја завршиме со извоз на повеќе од 200.000 јагниња – вели Ѓеоргиев.

Одгледувачите забележуваат дека државата сѐ уште не ги исплатила субвенциите и покрај тоа што лани вети дека ќе ги исплати субвенциите кои ги зголеми за 50 отсто во текот на 2020 година.

– Деновиве сме во постојана комуникација со Министерството за земјоделство кое сѐ уште не ни кажува кога ќе бидат исплатени субвенциите. Годишниот календар е дека тоа ќе биде април, но во изминатите години субвенциите на одгледувачите на овци се исплаќаа во февруари. Не верувам дека и во април ќе ги добиеме субвенциите бидејќи на нив чекаат и овоштарите и тутунарите – вели Ѓеоргиев.

Македонското јагне традиционално се извезува во Италија и во Хрватска, повремено и во Бугарија.
Годишно во просек се продаваат скоро 2.500 тони јагнешко и овчо месо.https://plusinfo.mk/170-000-agni-a-e-zavrshat-na-veligdenskite-trpezi-vo-itali-a-i-vo-hrvatska/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close