Игор Мирчески доби “нокаут“ од откупувачите, остана без договори за новата реколта на тутунот
Откупувачите си играат со судбината на тутунарите, од домаќини ги прават социјални случаи, а државата не реагира.
Игор Мирчески, тутунарот кој оваа година беше на чело на протестите на тутунарите и го формираше Иницијативниот одбор на тутунари остана без договори за откуп за тутунот од новата реколта 2021-2022. Очигледно, откупувачите си играат со судбината на тутунарите, од домаќини ги прават социјални случаи, а државата не реагира.
Причините поради кои Мирчески не успеа да направи договори и да го планира производството на тутун оваа година не е тешко да се препознаат, со оглед на фактот што тој беше на првата линија на отпорот против лошо организираниот откуп на тутунот и катастрофално ниските откупни цени.
Мирчески е категоричен дека тутунопроизводството е најтешката земјоделска гранка и дека е фабрика под отворено небо, со огромен ризик. Вели дека оние што мислат дека тутунот е бизнис се лажат. Како пример ја зема 2018 година, кога поради невреме броеше загуба од 20 илјади евра од тутунот, а државата до ден денешен не го обештети за половина од штетата. Затоа Мирчески порачува-Кој што смета дека тутунот е бизнис да ги вложи своите пари и да ризикува.
-За новата реколта моето производство е одамна почнато, од есента. 3 хектари од моите ниви, есенски се изорани и добро наѓубрени. И од пред снеговите повторно пролетно изорани и спремни. Но расад не посадив до денес, бидејќи до 31 март 2021 година, до законскиот рок за потпишување на договори Тутунски комбинат Прилеп не ми склучи договор на ниту еден килограм тутун. Која е причината не знам, но најверојатно затоа што бев еден од организаторите на протестите на тутунарите, па како најекспониран во јавноста – борец против лошата откупна реколта, ми се случи ова што ми се случи. Јас секоја реколта произведував по 150 до 200 леи расад. Но, иако моето поле со леи е спремно, јас денес ќе засеам само 15 леи, вели Мирчески во разговор за „Зелена берза“.
Мирчески е професионален тутунопроизводител кој веќе 20 години произведува и живее исклучиво од производството на тутунот. Невработен е и тој и неговата сопруга, и се до оваа година семејната егзистенција ја обезбедуваа од професионално производство на тутун.
-Производител сум самостојно од мојата 20 година и можам да кажам дека сум пионер во производството на фармерско одгледување на тутун. Почетокот, далечната 1999 година, посадив тутун на 3 хектари да за неколку години подоцна ги зголемам површините на 8 хектари под тутун. Сега во последните години повторно сведов на 3 хектари под тутун. Инвестирав во систем капка по капка и примена на најсовремени агротехнички мерки, најсовремена прихрана и заштита и тоа беше причината да ги намалам површините, а да го зголемам приносот. Оваа година произведов околу 10 тона тутун. Од нив 8.5 тона предадов, околу 1.5 тона остана и ќе го чувам за наредна реколта, раскажува Мирчески за својата работа, потенцирајќи дека има квалитетен тутун и нема есап да го предаде на откуп за 80 денари по килограм колку што беше цената во вонредниот откуп.
-Имам инвестирано во механизација и пропратна опрема за одгледување на тутун. Исто така имам и сушници за 7.500 низи во еден ред. Ако се сака квалитетен тутун мора да се инвестира и да се вложува. Без тоа нема ниту принос, ниту квалитет. Јас свои ниви немам, обработувам земја под кирија, која ја закупувам на неколку години однапред за да бидам сигурен во вложувањето, вели Мирчески.
Заради целокупната ситуација со проблемот со откупот и не склучените договори за новата реколта Мирчески вели дека годинава нема да сади недоговорено производство, но бара од Владата под итно да им каже да тутунарите како и на што се преориентираат.
-Апелирам до Владата, до Министерството за земјоделие, веднаш да направи пилот проект и да каже што да работиме ние што останавме без договори за тутун. Нашите деца се школуваат, одат на факултети, имаме трошоци, а прашање е како да преживееме, како да продолжиме со животот, зошто како и сите други плаќаме сметки, плаќаме даноци на оваа држава, и досега не сме биле на товар на буџетот, туку напротив мачно и со труд сами си го вадиме лебот. Но, ете и тоа дојде да мора да бараме и социјална помош, реагира Мирчески.
А.Блажевска