Трајно го губиме потенцијалот за производство на храна
Аларм за перманентно намалување на обработливите и обработените земјоделски површини
Македонското земјоделство со години бележи тенденција на намалување на обработливите и обработените површини. За тоа има повеќе причини, како што се на пример големите трошоци за производството и ниските откупни цени, но и поради иселувањето и стареењето на населението во селата. Но далеку од занемарлива и за издвојување е и причината предизвикана со честите постапки за поделба на наследството, кои резултираа со расцепканост на земјиштето и придонесоа некои од обработливите површини да станат меѓи.
Така, според Државниот завод за статистика, во 1991 година, вкупната обработлива земјоделска површина во земјава изнесувала 664 илјади хектари, а во 2020 година – 517 илјади хектари, што е намалување од 23 отсто. Статистичките податоци покажуваат дека има огромно намалување и во вкупно засеаните земјоделски површини, за речиси 30 отсто. Во 1991 година биле засеани 389 илјади хектари, а во 2020 година – 274 илјади хектари.
Годишно исчезнуваат по над 7.500 хектари обработлива површина
– Годишно се намалуваат по над 7.500 хектари обработлива површина, кои се трајно изгубени како потенцијал за производство на храна, поради несоодветната државна политика, односно на релативно плодни површини се градат стопански и станбени објекти, инфраструктура и слично. Обработливата површина по жител е 0,25 хектари, што е под просекот на европските земји, додека пред дваесет години била 0,33 хектари – објаснуваат од НФФ.
Оттаму додаваат дека структурата на македонското земјоделско земјиште не содejствува со производството во количество со вредноста на земјоделскиот аутпут, ниту со степенот на искористеност на природните ресурси.
– На пример, површината на пасиштата и бројот на главите во сточарството покажуваат дека пасиштата кај нас се речиси половично искористени во однос на високоразвиените земји. Тоа значи дека има огромни можности за интензивирање на сточарството, зголемување на стадата и подобрување на продуктивноста на пасиштата. Додека, пак, кај градинарските и фуражните посеви тешко можеме да забележиме развој во конкурентноста и зголемена продуктивност – нагласуваат од НФФ.
Токму тие податоци, според Федерацијата, покажуваат дека посебно треба да се стави акцент на организираното производство и пласман што ќеобезбеди стабилност за малите производители, кои се столб на нашето земјоделство.
– Во Македонија, најголемиот дел земјоделски домаќинства ѝ припаѓаат на групата ситни индивидуални земјоделски производители – 98 отсто, при што околу 58 отсто од нив имаат фарми со големина под еден хектар, или 87,6 отсто од домаќинствата со под 3 хектари – истакнуваат од НФФ.
Од Федерацијата сметаат дека политиките, мерките и субвенциите треба да бидат креирани во насока на јакнење на малите земјоделци чија основна дејност е земјоделството, за да можат тие да произведуваат поголемо количество земјоделски производи што ќе го снабдуваат домашниот пазар.
Претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, вели дека, според податоците што ги дава Државниот завод за статистика, голем дел од обработливото земјоделско земјиште не се обработува, бидејќи од тие површини само дел е со подобар квалитет.
– Има површини што се ситни и расцепкани парцели со низок квалитет, расфрлани околу некогаш живите македонски села и поради судски постапки, стечаи или процеси на денационализација, мал дел од поквалитетните површини сѐ уште не е даден на оглас – појаснува Станковски.
Тој истакнува дека она што пред извесен период било понудено во велешкиот регион, парцели до три хектари со многу слаб квалитет на земјата, не разбудило никаков интерес кај граѓаните.
– Земјоделците изразуваа само незадоволства дека парцелите се без можност за наводнување, со исклучително слаби приноси по хектар. Мораме да споменеме дека, без оглед на која површина ние одгледуваме некоја земјоделска култура и колкави се приносите по хектар кај нас, ние мора да конкурираме со најдобрите одгледувачи во регионот или за некои производи и во светот. Се плашам дека со глобализацијата, процентот на необработено земјоделско земјиште ќе биде и зголемен, како последица на нерентабилноста на самото домашно производство – истакнува Станковски.
Окрупнување на земјиштето и одгледување култури конкурентни на
странските пазари
Тој вели дека е потребна стратегија со која фокусот ќе се насочи кон производството на култури што ќе бидат конкурентни на странските пазари.
– За промена на состојбата е потребна добро осмислена стратегија. Во наши услови, треба да се претпочитаат производи и култури што бараат голем број работна рака и за кои нема некој софистициран метод за собирање, како што е берењето цреши или јагоди. Секаде каде што се работи на софистициран и поевтин начин, а со тоа и максимално се заменува скапата работна рака, ние сме неконкурентни. Ако продолжиме да произведуваме земјоделски производи за кои нашето земјиште и поднебје не одговараат и нудат мали приноси, а принудени сме со потпишување на договорот со Светската трговска организација да дозволуваме увоз со исти царински давачки, со држави со многу поразвиено и попрофитабилно земјоделство, тогаш, порано или подоцна, осудени сме на пропаст. И поради тоа нашето земјоделско земјиште и понатаму ќе биде необработено, со опасност тој процент да се зголеми – појаснува Станковски.
Тој смета дека ќе мора да се посвети многу внимание на окрупнувањето на земјиштето, зашто, во спротивно, агонијата ќе продолжи.
И Борис Анакиев, професор во пензија на Земјоделскиот факултет, неодамна во својата анализа заклучи дека загрижува фактот што во изминатите 30 години перманентно се намалува обработливата површина.
– Сите делови од обработливите површини каде што може да се организира интензивно земјоделство исто така опаѓаат во однос на 1991 година. Обемот на обработливата површина покажува дека македонското земјоделство мора да развива високопродуктивно производство од интензивни системи – градинарство, овоштарство, лозарството, индустриските култури и висок степен корени на пасиштата, ако сака да ја задоволи домашната побарувачка – смета Анакиев.
Според него, вкупните посеани површини денес се помали во споредба со 1991 година за околу 30 отсто, најголемо опаѓање има кај индустриските култури иако македонското подрачје се смета доста погодно за нивно одгледување.
Обработлива земјоделска површина
година илјади хектари
1991 664
2002 577
2003 569
2004 560
2005 546
2006 537
2007 526
2008 521
2009 513
2010 509
2015 513
2016 516
2017 516
2018 518
2019 519
2020 517
Извор: Државен завод за статистика