Ново ветување за пругата кон Бугарија, сега од директорот Локвенец: „Сигурно ќе ја изградиме!“
Хари Локвенец како нов прв човек на Македонски железници – Инфраструктура тврди дека ќе ја изгради пругата кон Бугарија.
Нов директор-старо ветување. Хари Локвенец како нов прв човек на Македонски железници – Инфраструктура тврди дека ќе ја изгради пругата кон Бугарија. Не знае кој директор е по ред кој го ветува овој проект, но е убеден дека до 2027 година со воз ќе патуваме кон нашиот источен сосед.
„Бројка не знам, ама знам дека сум претставник на раководство кое сигурно ќе ја реализира оваа пруга“, рече Хари Локвенец директор на МЖ Инфраструктура.
За да се изгради пругата до Бугарија потребни се околу 700 милиони евра, без непредвидените работи што би се случувале во тек на градба. Пари има, вели Локвенец и тоа околу 200 милиони грантови од Европските фондови, а останатите речиси 500 милиони евра планира да ги обезбеди преку кредити. Локвенец вели дека постои економска оправданост во овој проект.
„Еден воз пренесува од 1.600 тони добра до 2.500 тона. Паралелно како споредба, вие таа количина на стока треба да ја пренесете со 80 камиони со носивост од 20 тони“, додава Локвенец.
Пругата до Бугарија е ветување старо повеќе од 25 години. Последно, германска фирма која беше ангажирана за изградбата на една од секциите, лани се откажа од работата и си замина од Македонија. Инаку, целата траса е во должина од безмалку 90 километри и е поделена на три дела. Но, освен што треба да се пробијат траси и да се наместат шини, треба да се изградат и 100 мостови и 40 тунели.https://alsat.mk/mk/novo-vetuvane-za-prugata-kon-bugarija-sega-od-direktorot-lokvenets-sigurno-ke-ja-izgradime/