Деспотовски: Раст на платите од 2% и стабилен број на вработени во компаниите во ТИРЗ за 2020
Компаниите во ТИР зоните имаат позитивни економски резултати стабилен број на вработени и раст на платите од 2%, како и зголемена уплата во државниот буџет, покажува првичната годишна анализа за 2020 година на ТИРЗ.
Податоците во анализата укажуваат дека трендот на позитивен раст ќе продолжи и годинава.
“И во услови на криза предизвикана од Ковид 19 бројот на вработени не само што останува стабилен, туку и континуирано расте. Дури 60% од компаниите имаат зголемен број на вработени. Покрај над 14.000 наши сограѓани кои работат во зоните, пред нас стојат уште дополнителни 7500 работни места на кои се обврзани само постојните инвеститори, без оние со кои во моментов разговараме. Наша цел е со посебни мерки да го забрзаме овој процес и на нашите сограѓани да им овозможиме иднина дома, особено на младите,” изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.
Во 2020 е регистриран и раст од 5,5% на просечната бруто плата во однос на 2019, како и 2% на просечната нето плата во зоните. Достигнатото ниво е сеуште е под просечниот за целата економија, но охрабрува фактот дека имаме позитивен тренд на раст. Тоа е забележано особено кај преработувачката индустрија каде платите во ТИРЗ во 2020 се за 10% повисоки од националниот просек за оваа дејност. Деспотовски најави и нова мерка за поттикнување на отворање нови работни места и повисоки плати.
„Целта е не со статистички вежби, туку со реални мерки платите да бидат над просечното државно ниво. Воведуваме нова мерка за поттик на отворање работни места со која нема да даваме средства само за отворање на работни места без критериуми, туку тие ќе бидат врзани со одреден процент на раст на платите на вработените во компанијата” најави Деспотовски.
Компаниите во зоните и во година на криза на ниво на портфолио имаат остварено добивка од околу 3% или 4 милијарди денари. Во однос на добивката и приходот соодносот е речиси 50%-50%, но треба да се има предвид дека кај компаниите со намален приход покрај оние кои работат со оперативна загуба се и компаниите кои реализираат поголеми капитални инвестиции поради што имаат поголеми расходи.
Во однос на придобивките за државата и покрај намалениот данок на добивка, регистриран е раст во делот на уплатените придонеси и во делот на даноците што се должи на зголемениот број работни места и повисоката бруто плата од 5,5%.
Компаниите вкупно уплатиле во буџетот околу 40 милиони евра во 2020 година што 90% повеќе од дадената државна помош за истиот период.
“Во државниот буџет за 2020 останале 30 милиони евра како разлика од она што е приходувано и она што е реално исплатено. Тоа се повеќе пари за пензии, јавно здравство, образование, инфраструктура. Веќе работиме на посебни механизми за поттик на инвеститорите што побрзо да ја искористат помошта и да почнат да уплаќаат повеќе пари во државниот буџет. Поддршката на државата на инвеститорите е и поддршка на десетици илјади наши сограѓани низ целата земја,” нагласи Деспотовски.