Демолирани клупи и корпи во локалитетот Влашки колиби кај езерото Мантово во Општина Конче
Пред една година тука беа инвестирани околу 280.000 евра за подобрување на пристапот до браната Мантово и локалитетот Влашки колиби
Посетители кои деновиве престојувале на локалитетот Влашки колиби кај езерото Мантово во Општина Конче зад себе оставиле пустош. Искршиле клупи за одмор, корпи за отпад, но и наменски елементи за приготвување скара. Паралелно оставиле отпад насекаде. Рекреативци кои го посетиле овој локалитет граден и опремен со средства на ЕУ се изненадени од несовесното однесување.
„Сликата беше разочарувачка. Место во корпи, отпадот го фрлале насекаде. Дел од клупите беа превртени, како и дел од поставените мали бетонски скари“, раскажа една радовишанка која со велосипед била на Влашки колиби.
Од Општина Конче информираа дека таму викендов престојувале стотици посетители.
Пред една година беа инвестирани околу 280.000 евра за подобрување на пристапот до браната Мантово и локалитетот Влашки колиби, при што беа направени пешачки патеки и беше поставена нова урбана опрема. Влашките колиби, кои се подигнаа преку Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, имаа за цел да привлечат туристи и гости на езерото Мантово.https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/demolirani-klupi-i-korpi-i-rasfrlan-otpad-na-lokalitetot-vlashki-kolibi-kaj-ezeroto-mantovo-vo-koj-bea-vlozheni-280-000-evra/?