Дали попладнево конечно пратениците ќе ги изгласаат антикризните мерки
ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе гласа за антикризниот пакети и дека ќа обезбеди кворум, но дека тоа нема да го стори за првата седница.
Законите од петтиот пакет чие донесување многу доцни, се очекуваше конечно да бидат изгласани во четвртокот, но координаторите на пратеничките групи, дел од пратениците и претседателот на Собранието повеќе од два часа се расправаа дали да се гласа по точките од 32. седница и потоа да се продолжи 36. седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да се продолжи со 36. седница.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески соопшти дека тројца пратеници од нивните редови се во болница поради ковид-19, и поради тоа владејачкото мнозинство нема кворум.
Претседателот на Собранието Талат Џафери инсистираше да се изгласа 21 точка од 32 седница, па потоа да се продолжи со 36-тата седница, а опозицијата бараше да се одложи гласањето доколку парламентарното мнозинство нема кворум и да се почне со 36-тата седница.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вчера на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител” рече дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на 36. седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, но не и на 32. седница.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во Собранието и ќе учествува во работата на 36. седница. Доколку немаат пратеници, сите 44 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат во пленарната сала. Нема да бидеме внатре на 32. седница. Работа на претседателот на Собранието е да констатира има или нема кворум за 32. седница. Доколку има кворум, работи по 32.седница и завршува со неа. Доколку нема кворум, не ја ни почнува или констатира и ја презакажува за некој нареден период”, рече Мицевски.
Законите од петтиот пакет подолг период се заглавени во Собранието, а од овие закони зависи исплатата на платите за февруари и март, како и финансиската поддршка за економските оператори за излез од кризата предизвикана од пандемијата.
Што поскоро донесување на законите од петтиот пакет мерки бараат и бизнисмените и синдикатите.https://www.mkd.mk/makedonija/politika/dali-popladnevo-konechno-pratenicite-kje-gi-izglasaat-antikriznite-merki