Агро бизнисВестиМакедонија
Во Демир Хисар нова механизација за зимско одржување на патиштата
Набавен е функционален комплет на механизација, товарно возило, плуг и соларка, за зимско одржување на сите видови на патна инфраструктура на територијата на Општина Демир Хисар
Во рамки на проектот за јакнење на регионалните капацитети за одржување и заштита на патната инфраструктура во Пелагонискиот регион, набавен е функционален комплет на механизација, товарно возило, плуг и соларка, за зимско одржување на сите видови на патна инфраструктура на територијата на Општина Демир Хисар, кое беше официјално промовирано во присуство на министерот за локална самоуправа, Милевски и директорот на Центарот за развој на Пелагониски плански регион, Гого Видимче.
– Бенефит од проектот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ќе имаат 30.000 жители на Демир Хисар, Крушево, Кривогаштани, а вкупната вредност на инвестицијата е над седум милиони денари заедно со општината Демир Хисар. Со набавката преку проектот е да се придонесе кон зајакнување на техничките капацитети на Пелагонискиот регион за одржување и заштита на локалната и регионалната патна инфраструктура, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Тој појасни дека на овој начин ќе се подобри ефикасноста на Јавното комунално претпријатие во Пелагонискиот регион при извршувањето на своите надлежности и давањето на услуги на населението и стопанството, а исто така ќе се зголеми безбедноста на локалните и регионалните патишта во зимски услови како и зголемување на протокот на луѓе и стоки на територијата на Пелагонискиот регион.
– Во период од 3 и пол години ова е трето возило кое што го набавуваме преку Пелагонискиот плански регион. Двете возила беа за собирање на комунален отпад и ова возило за одржување на локалните патишта. Како Општина Демир Хисар кофинансиравме во проектот во висина од 3 милиони и 700 денари, затоа што ни претставуваше еден од клучните приоритети, одржувањето на патиштата. Ние имаме околу 100 km локални патишта и со ова возило непречено ќе работат од страна на Јавното комунално претпријатие, истакна градоначалникот Стојановски.
Од Центарот за развој на Пелагониски плански регион потенцираа дека овој регион во зимскиот период изобилува со обемен снег и ниски температури, така што, од тие временски услови се појавила иницијативата на градоначалникот за набавка на возилото.
– Преку оваа набавка ќе се направи заштеда на јавните претпријатија со тоа што нема потреба повеќе да се ангажира приватна механизација, туку, директно, Јавното комунално претпријатие ќе ги подобрува условите за живот на локалните граѓани во Демир Хисар, но и за тие кои патуваат постојано во овој регион, додаде Гого Видимче, директорот на Центар за развој на Пелагониски плански регион.