Земјоделците и производителите на палмино масло се здружуваат за спас на шумите
Некои од најголемите производители на палмино масло, кои имаат плантажи за производство, се здружуваат во сојуз за да се подигне нивото на производство на најпродаваното масло во светот. Членовите на здружението на производителите на палмино масло велат дека на ваков начин компаниите ќе почнат повеќе да ги почитуваат и посериозно можат да настапат во меѓусебните преговори- пишува „Фајненшл тајмс“.
Во моментов производителите не се воопшто почитувани од страна на компаниите и политичарите и сметаат дека обвинувањата од нивна страна дека ја загадуваат надворешната околина се неосновани и штетно им влијаат на бизнисот. Според нив, особено сериозни се обвинувањата кон производителите на палмино масло, кое наоѓа голема примена во козметичката индустрија и подготовките на храна. Инвеститорите во секторот продолжуваат да го засилуваат притисокот во зелените движења поради исчезнувањето на шумите во Југоисточна Азија.
Новото здружение исто така ќе бара начини да ја подобри безбедноста на храната и да придонесе за запирање на климатските промени. Во здружението влегуваат и компании како „Олам“, „Симе Дарби“, „Вилмар“ и секоја од нив има намера да работи за подобрување на состојбата на животната средина. Сани Вергесе, извршен директор на „Олам“ за „Фајненшл тајмс“ вели дека компаниите веќе подолго време водат битка за палмино масло, додека храната и водата се почувствителни теми.
– Треба да дејствуваме заедно како индустрија, да зборуваме за промените и предизвиците пред нас, додаде тој.
Визија на сојузот
Во новиот сојуз, освен производителите, ќе се вклучат и вкупно 36 компании, кои покриваат широк спектар производи – од стока за широка потрошувачка до житни култури и претставници на шеќерната индустрија. Меѓу нив се саудиската компанија „Сабик“ и јапонската „Митсубиши“. Претставниците на организацијата се собираат идниот четврток во Сингапур. Дел од соработката ќе се изразува во користењето на технологии кои се применуваат во различни сектори. Во моментов модерните земјоделски стопанства применуваат високотехнолошки методи како сензори за поекономично користење на вода, дронови, сигнализација за пожари, и др.
Големите корпорации се свртеа кон индустријата со палминото масло оваа година поради нестабилност на бизнисот. Многу од овие корпорации, меѓу кои „Нестле“, „Унилевер“ „Марс“ и „Kелог“ престанаа да работат со малезиската „ИОИ груп“, еден од лидерите во производството на палмино масло. Одлуката за ова уследи по состанокот на организацијата за одржливо производство на палминото масло која одлучи да биде одземен сертификатот на малезиската компанија.
Подобри услови за храната
Причината за одлуката, се чини, се крие во тоа што ИОИ не успеала да го спречи исчезнувањето на шумите во Индонезија. Вергесе ги предупреди учесниците во Унијата дека неколку расипани јаболка во индустријата може да се одразат негативно на целиот сектор.
Kомпаниите од новиот сојуз најавија дека преку одговорното користење на природните ресурси ќе се подобри квалитетот на храната и водата, што пак од своја страна ќе го намали ризикот од конфронтации меѓу владите и нови политички кризи. Во 2011 година, студија на Меѓународниот монетарен фонд ги поврза високите цени на храната со политичката нестабилност во посиромашните земји. Вергесе ја коментира ситуацијата на следниов начин. – Замислете ситуација по 10 години – огромна инфлација на цените на храната. Политичарите и потрошувачите ќе гледаат кон нашата индустрија и ќе не обвинат дека ние се храниме од туѓата мизерија. Тоа не е позицијата што ја сакаме – вели Вергесе.