fbpx
Вести

Храната не смее да биде вишок

Србија е прва земја на Балканот која подготвува закон за вишоците со храна. Со него се предвидува да се формираат „банки на храна“, во кои ќе се прибираат сите вишоци од рестораните, киосците за брза храна, но и храната од маркети која се уште може да се јаде. Со ова се планира да се нахранат илјадници семејства дневно, а храната наместо во контејнер, да заврши на трпезите на тие на кои им е потребна.

hranata ne smee da bide vishok

Kај нас иако сите го поддржуваат српскиот закон, засега нема иницијатива. Иако сите знаеме дека остатоците од денешниот ручек може да се дојадат утре или, пак, да завршат во фрижидерот за замрзнување, никако практично да го спроведеме тоа. Судејќи според количествата фрлена храна од ресторани и ќебапчилници, но уште повеќе од нас граѓаните изгледа дека не сме свесни колку храна фрламе. Очигледно сите од нас забораваат колку гладни усти има во државава секој ден и што се не би дале тие да имаат барем корка сув леб, а не свежа храна, која на крајот на денот останува од млечните ресторани или од некоја прослава.

Ама наместо на трпеза, храната завршува на локалните депонии заедно со тоалетна хартија, пластика и што уште не. Според податоците на депонијата „Дрисла“ во просек кај нив годишно завршуваат речиси 2.000 тони храна, а се претпоставува дека само во Скопје годишно во канта одат уште речиси 5.000 тони храна измешана во комуналниот смет. Агенцијата за храна се држи до законите и така треба да биде. За неа секој производ што не е во предвидениот рок на траење дефиниран од страна на производителот или со законските прописи, се смета за небезбеден. Истиот треба нештетно да се отстрани од пазарот, односно да се уништи. Но, што е со тие што имаат рок на траење и може да се јадат, но нема каде да се дадат? Нема банки на храна, бидејќи нема закон. Според постојниот, таа храна се смета како небезбедна, иако до пред неколку часа кога траела веселбата во ресторанот истата се јадела и не претставувала опасност за здравјето на луѓето.

Министерствата сакаат формирање банки за храна, но од нивна страна нема иницијатива. Зошто, не кажуваат. Ако една Франција успеа да продложи рок на употреба на 300 производи во обид да спаси дел од храната што е за фрлање, зошто истото не се стори и кај нас? Нели научниците велат дека одредени производи како медот немаат рок на употреба.

И додека ние чекаме некому да му текне дека треба да се спаси се што може да се јаде, соседот од спротива ги фрла несварените шпагети кои ги заборавил во фиока, а маркетот од соседната улица го полни контејнерот со готовата храна што тој ден не се продала, а с` уште може да се јаде. Време е да поработиме на нашата свест и совест. Во секоја населба има гладни усти кои освен сув леб долго време немаат ништо друго на трпезите. Нивните деца молат за само мал дел од тоа што ние го фрламе во ѓубре. И на крајот на краиштата, ако храната не е за јадење, мувлосана е или, пак, имаме вишок овошје и зеленчук што мора да се фрли, не мора да заврши во контејнер. Од него се прават органски ѓубрива, со чија помош повторно ќе се произведе храна. Ние сме аграрна држава и фрлена храна во контејнер не ни прилега.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close