fbpx
Агро бизнисВестиМакедонија

Во Брвеница профункционира фотонапонска централа од 1,2 мегавати, една од изградените на приватно земјиште

Инвестицијата по принцип на јавно приватно партнерство, е на домашната компанија „Енерго ер груп“ и тежи 1,6 милиони евра.

Во село Теново, Општина Брвеница, денеска официјално е пуштена во употреба фотонапонска централа со јачина од 1,2 мегавати. Централата е дел од паркот од три фотоволтаични централи лоцирани на површина од 20.000 квадратни метри неплодно земјоделско земјиште, од кои едната со капацитет од 400 киловатчасови, веќе е во функција. Поставени се вкупно 6.170 фотопанели со различна јачина, кои преку три трафостаници ќе произведуваат вкупно 3,1 гигават-часови електрична енергија годишно, за потребите на 450 домаќинства. Инвестицијата по принцип на јавно приватно партнерство, е на домашната компанија „Енерго ер груп“ и тежи 1,6 милиони евра.

Овој приватен проект е во рамки на јавниот повик од 2019 година, за изградба на централи на приватно земјиште, и е една од вкупно 27-те за кои е склучен договор за право на користење на премија за електрична енергија.

Ова го посочи министерот за економија Крешник Бектеши, кој додаде дека, зголемениот интерес за изградба на фотоволтаични централи кај приватни инвеститори, е поради фактот што од 2017 година досега, двојно се намалени тарифите за гарaнтирани цени на електричната енергија. Поради тоа, во земјава веќе се изградени за три пати повеќе фотоволтаични централи, со вкупна јачина од 20 мегавати, во споредба од пред 4 години. Тој ги повика инвеститорите да ги следат јавните повици на Владата и да вложуваат во капацитети од обновливи извори на енергија.

Според министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, фотоволтаичната централа во Теново е потврда за реализирање на зелената агенда на Владата, за одржлив развој и здрава животна средина, како и заложбите за намалување на стакленичките гасови за 50 отсто до 2030 година, според Парискиот договор. Тој посочи дека се потребни уште вакви инвестиции во ОИЕ што е во интерес на заштитата на животната средина, а при тоа е многу значајна соработката меѓу централната и локалната власт.

Нуредини потсети на досегашните активности на МЖСПП: прогласувањето на Осогово за заштитена зона, чистењето на линданот од депонијата ОХИС, ставањето во функција на мерните станици за воздух, проектите за отпадните води во Тетово и Битола и други.

Премиерот Зоран Заев посочи дека оваа инвестиција во Теново е само еден од проектите по принципот на јавно приватно партнерство, со кои треба да се инсталираат вкупно 60 мегавати капацитети од ОИЕ. Тој најави дека Владата ќе продолжи со подршката на инвеститорите за проекти според ЈПП, и наброја некои од тековните активности, гасоводот Алексадрополис, проектот „Чебрен“, фотоволтаичната централа кај Осломеј, планираните вакви централи кај Битола, Кочани, Кавадарци Штип и Свети Николе.

„Република Северна Македонија стана лидер во регионот според растот на капацитети од обновливи извори на енергија, кој изнесува 10,1 отсто на годишно ниво“, рече Заев.https://meta.mk/vo-brvenicza-profunkczionira-fotonaponska-czentrala-od-12-megavati-edna-od-izgradenite-na-privatno-zemjishte/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close