fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Стотина земјоделци со години тероризирани од еден сточар

Скопско-Институциите немоќни да се справат со самоволието на еден сточар кој прави огромни штети на 500 хектари насади

Стотина земјоделци од скопските села Идризово, Јурумлери, Кадино и околијата денеска излегоа на протест со блокада на регионалниот пат и клучката кај Трубарево. Лути и револтирани со својата механизација неколку часа го блокираа патот за да покажат дека повеќе немаат намера да го трпат теророт и штетите од самоволието на еден сточар кој својата стока ја пасе по нивите каде тие претежно одгледуваат градинарски култури.

-Излеговме на еден мирен протест да го изразиме своето незадоволство од немањето на слух на институциите за нашиот проблем. Со години одиме од врата до врата по сите институции од полиција до општина па и по инспекторати но секаде само ја префрлаат надлежноста без да има некоја конкретна разрешница за проблем кој не мачи сите што сме денеска на протестот. Сите имаме огромни штети од еден сточар кој ниту има трла каде да ги чува овците ниту пак има пасиште каде да ги пасе туку ги пушта по нашите жита, луцерки и градинарски посеви. Ако не се преземе  ништо ние ќе одиме на протести и пред владата рече Идриз Саити земјоделец од скопско.

Овие земјоделци штетите кои ги имаат на своите ниви ги проценуваат во стотици илјади евра секоја година а нивната агонија треае повеќе од 7 години и никако да се реши. Се сомневаат дека некој го штити за да може толку слободно да ја пасе стоката каде сака без да одговара .

-Штетите се невидени и неверојатни. Лани одам со комбајнот да ја жнеам нивата кога наместо жито наоѓам изгазена површина од овците и козите кои тука паселе и газеле. Потоа кога отидов да посеам една нива од 1,5 хектари тој на сила веќе ја изорал и посеал па морав да се заканувам дека ќе го тужам за да ми ја остави нивата а не се плаши од никого заради што се сомневаме дека некој го штити. Таму ако има држава и закони само овците во кои услови се чуваат и се малтретираат без никаков кров на отворено што е спротивно на закони за благосостојба на животните треба да му ги одземат или да го преселат, рече Љупче Стоилковски земјоделец од Скопско

-Лани есента имав цела нива до три декари засадена со есенска тиква која неговите овци ми ја испасија целата . Од таа нива требаше да соберам од 10 до 15 тона тикви кои се околу 150 илјади денари. Иако инвестирав репроматеријали, ѓубрива и слично јас од таа нива немам ништо. Појдов во полиција пријавив и ми викаат да си тужам приватно а ние немаме толку време и пари за таква работа па затоа бараме заштита од државата рече Спасе Велковски земјоделец од скопско.

Овие неколку села кои имаат огромни загуби и штети од самоволието на еден сточар се главните производители на градинарски култури за скопскиот регион. Од овие 500 хектари се јаде морков, компир и слични градинарски култури во главниот град па дури има и за извоз но со години оставени самите да ја бијат битката со локалните насилници земјоделците решија правдата да ја бараат по улиците.  Уште еднаш апелираа надлежниот земјоделски инспекторат да излезе на терен ако е потребно и со полициска асистенција и да се реши проблемот.

 

Тим на Зелан берза

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close