8 милиони денари за каналот кај Џепчиште, направен пред 53 години, а денеска властите не можат да го исчистат
За да ја види состојбата на каналот, на терен излезе и министерот за земјоделство Арјанит Хоџа заедно со пратеникот од оваа зона, Биљал Касами.
Владата издвоила 8 милиони денари за чистење на каналот за наводнување кој минува низ Џепчиште за да може да се стави во употреба. За да ја види состојбата на каналот, на терен излезе и министерот за земјоделство Арјанит Хоџа заедно со пратеникот од оваа зона, Биљал Касами.
„Независно што оваа година не беше предвидено во програмата на министерството за земјоделство, ние успеавме да обезбедиме средства колку што побараа од Регионалната единица за водостопанство. Овие средства на следната седница на Владата ќе се пренаменат и ќе инсистираме што побрзо да се објави јавен тендер за чистење на каналот“, рече министерот за земјоделство Арјанит Хоџа.
Но земјоделците кои имаат ниви во близина на каналот, велат дека нема да биде функционале, ако не се запре испуштањето на отпадните води.
„Со овие отпадни води не се наводнува бидејќи се уништува секаков вид зеленчук и овошје, бидејќи не може да се полеваат со оваа загадена вода“, посочи еден земјоделец.
„Целото ова земјиште 30 години не се наводнува. До ’90-те години беше комунизмот, додека имаше Заедница за води, каналот многу добро функционираше. Потоа чекавме подобри времиња, но се уништи. Од ’90-та каналот не функционира. Отпадни води се испуштаат во каналот од селата. Пред две години дојдоа божем го исчистија. Но тој не функционира. И доколку повторно така се исчисти, залудно е“, додаде друг земјоделец.
Каналот за наводнување се снабдува од реката Пена, а е изграден во 1968 кога се користел за наводнување на Полог. Истиот е повторно е отворен во 1999 и од тогаш поради неодржување не е во функција, поради што многу земјишта не се посеваат. Владата пред една година почна да гради уште еден канал од Равен, Гостивар до тетовска Речица.