Тутунарите јавно бараат средба со Пендаровски и Мицкоски
Тутунопроизводителите се разочарани што се уште не ги добиле субвенции за последната реколта од тутунот.
Новоформираните тутунарски здруженија бараат средба со претседателот на државата Стево Пендаровски и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
Новоформираните здруженија на тутунари до „Зелена берза“ испратија писмо во кое меѓудругото стои дека се разочарани што се уште не ги добиле субвенциите за последната реколта на тутунот.
Почитувани тутунопроизводители, конечно паднаа маските.
Празни ветувања, лаги на сите средби, состаноци без желба за решение од почеток до крај. Ве болат ли народните пари кои ни ги давате како субвенции или како помош, која ли ви е целта да ни ги кратете, укинете, многу ли ви изгледаат? Повелете ќе се замениме. Вие работете по нивите, а ние да ја осетиме удобноста на вашите фотелји. Од нас ли, од ние што ве храниме, од нашата мака ли ќе кратите, од нашиот секој чесно заработен денар? Нека ви служи на чест ако ја имате. Нека ни биде за ум, ние кои ве гласавме и ве ставивме на функции.
Ние ли треба вас да ве молиме за корка леб?
Абре ако не ве бива, чесно е да си заминете, бидејќи со сила убавина не бидува.
Ветувате и мед ви тече од устите за време на избори, чиниш браќа сме сите, не гушкате, ни стискате рака, истата оваа рака која сега е испружена кон вас но вие не ја гледате и не ви е достојна за да ја стиснете. Секоја влада, која ќе буричне во џебот на земјоделците, ќе им ја земе корката леб од устата на работниците, верувајте неславно ќе заврши и казната ќе ја стигне. Нашата борба, за правата и решавање на проблемите со земјоделците конкретно со тутунопроизводителите туку што започна.
Нашите преставници, на кои владата преку МЗШВ им дала некаков легитимитет одамна кај нас тутунарите тој легитимитет го изгубија бидеќи не презедоа никаков чекор во наша одбрана и заштита пред институциите. Имајќи во предвид дека огромен број на тутунопроизводители пристапуваат во наше членство, препознавајќи во нас искреност, чесност и посветеност ни дава полно и легитимно право и понатаму уште пожестоко да застаниме во одбрана на интересите на тутунарите пред надлежните институции. Не исполнувајќи ги барањата и ветувањата кои ни беа давани од страна на владата и ресорното министерство, заклучивме дека овие две институции немаат желба и волја да ги решат нашите проблеми.
Затоа бараме средба со претседателот на државата Стево Пендаровски, на која ќе побараме поддршка за решавање на нашите проблеми и одблиску да го запознаеме со нашата тешка ситуација. И на крај, исто така бараме средба со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, од кој исто така ќе побараме помош и поддршка за решавање на нашите проблеми, но и да ги слушнеме ставовите на опозицијата по однос на тутунопроизводството и како има намера да го реши овој сектор како идна власт. Со должна почит до горе споменатите се надеваме на што побрза средба.
Новоформирани тутунарски здруженија