fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Пролетниот мраз годинава ги остави земјоделците без праски и кајсии

Постарите овоштари не паметат дека имало измрзнувања со толкави размери

Годинава за овоштарите од Градско и Росоман како и за голем дел до останатите региони ќе биде запаметена како една од најтешките досега. Студената воздушна маса која го зафати овој најголем овоштарски регион во земјава на 8, 9 и 10 ти со температури измерени од -5 до -8 степени Целзиусови зад себе не остави ништо. Веќе за ден два се што беше род поцрне и со тоа се изгуби секоја надеж дека ќе има нешто да се набере. Регионот каде секоја година доаѓаа и се товараа шлепери со свежа праска и кајсија годинава не знае што го снајде и како ќе се преживее годината а камо ли да се инвестира во одржувањето на насадите. Националната федерација на фармери апелира што побргу да се завршат проценките на штетите и што побргу да добијат помош овоштарите и лозарите кои имаат штети.

-Земјоделството како производство на отворено е на удар на времето. Климатските промени веќе долги години прават проблеми во производството на храна а оваа година уште на самиот старт ниските температури направи штети од огромни размери. Уште во февруари имавме ниски температури кои во пониските делови на повардарието направија оштетувања кај лозовите насади а дополнително оние ниски температури на почетокот на април зад себе не оставија ништо во овоштарниците. Голем дел од насадите за жал се со 100% измрзнување така што земјоделците стравуваат за својата егзистенција и не знаат како ќе ја преживеат оваа година. Загуби ќе претрпи државата која ќе нема овошје за на пазар, ќе мора да се увезува, ќе секне извозот годинава а сепак најголемите штети ќе ги претрпат директно земјоделците. Ние веќе со години апелираме до надлежните а сега тоа се гледа дека е неопходно да се вметнат во националната програма за рурален развој субвенции за заштитни мерки од климатските промени. Гледаме како во светот функционира агрофрост системот кај напредните земји или системите каде се ставаат заштитни фолии над насадите кој освен од температурни влијанија штитат и од УВ зрачењето, што за нашите земјоделци со овие откупни цени е неизводливо да се инвестира. Не може да зборуваме за воведување на било какви напредни мерки за заштита кога ние во реалноста имаме откупни цени кои се под производните цени и затоа е потребна државна поддршка која би изнесувала 70 до 80% за да можеме да се адаптираме кон негативните влијанија на климатските промени рече претседателката на националната федерација на фармери Васка Мојсовска.

Она што е погубно и несфатливо за земја како Македонија во која половината од граѓаните живеат или се занимаваат со земјоделство е недостигот од национална стратегија за климатски промени. Нешто што досега се покажало дека не погодува и дека не е нешто апстрактно туку реалност која секоја година предизвикува одредени штети и негативно се одразува на земјоделското производство во земјава а сепак нема визика кои мерки треба да се преземат срочено во една долгорочна стратегија со некоја цел што сакаме да постигнеме во оваа клуна битка со природните непогоди. Една деценија ги гледаме последиците од климатските промени а факт е дека и во иднина ќе ги има дури се стравува и дека ќе стануваат и посурови но сепак државата нема стратегија како ќе го заштити домашното производство на храна. На пролет проблематични се мразевите но набргу ќе дојде време кога сушата ќе биде исто така проблематична и за ова ќе биде значајно функционирањето на каналската мрежа за наводнување а сето тоа опфатено во една долгорочна стратегија. Дека овие пролетни мразеви беа екстремно неповолни покажуваат и оштетувањата на насадите кои досега заради својата поволна микро локација никогаш немале проблеми и оштетувања од ниските пролетни температури. За ова сведочи Гоце Ангелов кој е овоштар околу 25 години и кој немал вакви проблеми се до оваа пролет.

-Оваа година се случи нешто како никогаш досега. Сите насади во Градско кои се под кајсија, праска, круша, цреша, слива, вишна или некои друго коскесто овошје се 100% измрзнати од ниските температури кои неколку ноќи по ред се симнаа на околу -6 степени од кои немаше спас. Претходно имавме ниски температури од -2 до -3 степени но беа во фаза на цвет и тогаш имаше штетни но не како овие кои целосно го уништија родот. Она што можеби навидум ќе се најде по дрвата останато кога ќе се пресече на половина се гледа дека внатре нема формирање на семка туку само црна дамка која укажува дека тој плод набргу ќе падне. Половина од овоштарите од градско лани имаа оштетувања од мразот и тие луѓе овој втор последователен мраз тешко ќе го поднесат. На овие насади сега им треба третман исто како да имаат род а голем дел од производителите финансиски немоќни сега ќе ги остават насадите што ќе се одрази и на производството за следната година бидејќи родните папки сега се формираат и тоа само ако растението ја има целосната нега. Дали имало род или не, заштита мора да се направи, мора да се ора, мулчира, наѓубри и да се полева во услови кога ќе се борат за гола егзистенција погодените овоштари. Ако нема некоја сериозна поддршка и тоа ако не се случи набргу за следната година родот ќе биде за 50% намален. Ова и за нас професионалните овоштари не е добро бидејќи ќе нема доволно понуда за да дојдат трговците а ако и втора година по ред ги изгубиме тогаш многу тешко пак ќе ги вратиме да купуваат од кај нас вели Гоце Ангелов овоштар од Градско.

Но не само Градско огромните и бескрајни праскови плантажи во Росоман, производен центар каде се произведува 1 до 1,5% од светското производство на праски годинава остана пуст по доцните пролетни мразеви. Насадите на Владо Орданов се сместени на ридовите пред село Сирково. Малата висинска разлика е добре дојдена кога се работи за студени воздушни маси кои вообичаено паѓаат во пониските реони но годинава нема разлика кој каде има насади бдеијќи сите измрзнаа. Велат кога се работи за некои гранични вредности на ниските температури со оние кои растенијата во одредени фази ги издржуваат може да се помогне со некои агротехнички мерки но од овие температури немаш никаков спас. Во тоа се увери и Орданов.

-Може да се забележат остатоците од балите слама кои тука цели ноќи ги палевме и дежуравме но од тоа немаше никакво фајде бидејќи толку беа ниски температурите што од насадите ќе нема да наберам ниту неколку килограми а камо ли тони колку што планирав. Кај нас се спушти температурата до -5,5 степени а во пониските делови на Росоман и до -6 и -7 степени. Уште во 4 саат се виде дека нема ефект од нашите напори и уште тогаш се беше измрзнато тотално. Гледам луѓето што имаат по некоја слободна нива се насочија градинарство нешто да одгледуваат за да се преживее годината оти по аптеките веќе никој не дава на вересија бидејќи стана јасно дека нема да има род годинава за да има од што да се плати тој долг. Она што силно не погоди е што на насадите ние најголемите трошоци веќе ги направивме. Завршивме со кроењето, есенското ѓубриво , зимските и рано пролетните третирања беа завршени и ни остануваа уште едно или две прскања и ќе требаше да береме ама годинава никој нема да има за берба род останато. Неколкуте последни години успешно ја добивавме битката со монилијата која ни беше услов за извоз во Русија но сега голем дел од насадите постои опасност да се напуштат, бидејќи овоштарите немаат земено пари ниту за ланските оштетувања што за догодина може многу скапо да не чини вели Владо Орданов овоштар од село Сирково.

Тажна беше глетката и на насадите под праски во Росоман на искусниот овоштар Борче Миловановиќ. Поцрнети и згужвани беа малите праски кои штотуку се формирале.

-Имам 5 хектари под најсовремени сорти на праска. Планот беше да наберам околу 100 тона род но годинава нема да има ниту 100 праски за компот да направиме. Која сорта и да ја имате и колку да е доцна на ова ниво на ниски температури ќе немаше спас, до толку е лоша состојбата. Освен што ќе имам целосна штета ние како овоштари во екот на бербите во овој регион доаѓаат многу аргати од Велес и од Кавадарци кои од ова вадат за својата живеачка. Во откупните пунктови кои само во Росоман ги има околу 7 имаше по 20 до 30 жени кои работат на сортирање и пакување на праските како подготовка за извоз но и за нив ќе нема работа годинава. Татко ми е еден од првите овоштари во овие региони и кога тој вели дека вакви нешто нема видено досега тогаш јасно треба да ни биде дека годинава е една од најлошите досега. Можеби треба државата да размислува и да побара некој странски фондови и да прогласи елементарна непогода за да им се помогне на овие овоштари да продолжат да ги негуваат дрвата за  да има барем род за следната година рече Борче Миловановиќ овоштар од Росоман.

Тим на Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close