fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Во Македонија не е одобрена храна што содржи инсекти

Досега до Комисијата при АХВ не е поднесено барање за одобрување производ што содржи ларви или други форми на инсекти, потврдуваат за „Слободен печат“ од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Досега до Комисијата при АХВ не е поднесено барање за одобрување производ што содржи ларви или други форми на инсекти, потврдуваат за „Слободен печат“ од Агенцијата за храна и ветеринарство. Во изминатиов период, според странските медиуми, се разгледувало нивното користење во повеќе варијанти, како додаток за јадења или како брашно.

Законскиот рок во кој Агенцијата може да решава во однос на барањето за одобрение за храна и состојки на храна произведени со иновирани технологии е 12 месеци.

– Постапката за одобрување на овој производ во Европската Унија сѐ уште трае, односно сѐ додека не се објави имплементирачка регулатива за одобрување на овој производ, тој не е одобрен и не може да се стави во промет на пазарот во ЕУ – додаваат од АХВ.

Од Агенцијата информираат и дека на средината на јануари годинава, Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) објавила мислење за употребата на суви жолти ларви од  инсектот тенебрио молитор, како авторизирана храна произведена со иновирани технологии.

– Предложената „новел“ храна е термички исушена жолта ларва во форма на црв, или во форма на прав. Членовите на панелот што го разгледувале предложениот производ и доказите за неговата безбедна употреба, стабилност на производот, студиите за и условите за неговата употреба, процениле дека тој е безбеден според предложената намена или употреба и според предложените нивоа на употреба и услови на употреба – објаснуваат од АХВ.

Македонската Агенција има пропишано национална постапка за одобрување вакви производи, кои спаѓаат во категоријата храна произведена со иновирани технологии. За одобрените производи од оваа категорија, во рамките на Секторот за нови прехранбени технологии при АХВ се води и регистар. Проценка на безбедноста на храната произведена со иновирани технологии врши посебна комисија во рамки на АХВ.

Според достапните информации на странските медиумите, брашнестиот црв, односно неговите ларви, низ историјата ги консумирале многу народи, посебно оние од Југоисточна Азија. Се јадат термички обработени, најчесто пржени или печени и се сметаат за многу здрав оброк, полн со протеини. Исто така содржат и селен, железо, цинк и други користи состојки, а имаат повеќе витамини од говедското месо.

Од АХВ посочуваат дека храна и состојки на храна произведени со иновирани технологии или т.н. „нова храна“ е секоја храна или нејзина состојка што нема значителна историја на консумација пред 1997 година, кога во ЕУ е донесена првата регулатива со која се пропишуваат посебните барања за безбедност на оваа храна.

Националната дефиниција за овој вид храна пропишана во Законот за безбедност на храната и во Правилникот за посебните барања за безбедност на храната произведена со иновирани технологии ја опфаќа храната со нови или намерно модифицирани примарни молекуларни структури, храна и состојки на храна произведени со нова технологија или производствен процес, храна добиена од клеточни или ткивни култури од растенија, животни, микроорганизми, габи или алги, традиционална храна од трети земји и други видови храна.

И чија семето е „нова храна“

Меѓу примерите на овој вид храна спаѓаат земјоделските производи од трети земји, кои немаат историја на употреба во нашата земја (чија семе, сок од нони, овошна пулпа од баобаб), нови извори на витамини или минерали (хром пиколинат, печурки агарикус биоспорус како извор на витамин B12, извори на менакинон-витамин К), екстракти од позната храна (масло од антарктички крил ракчиња богато со фосфолипиди) или, пак, храна добиена со нови технолошки процеси (УВ-третирана храна: млеко, леб, квасец). Секоја нова храна што се става на македонскиот пазар мора да биде безбедна за консумација; да биде правилно означена со цел да не ги доведува потрошувачите во заблуда во однос на своите нутритивни карактеристики, а доколку новата храна е наменета да замени одредена конвенционална храна, нејзиниот состав не смее да биде нутритивно неповолен за потрошувачите.https://www.slobodenpecat.mk/vo-makedonija-ne-e-odobrena-hrana-shto-sodrzhi-insekti/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close