fbpx
Вести

„Пијанечки денови на сливата“ во Делчево

По петти јубилеен пат, иако во најнеповолна година за одгледувачите на црни сливи, утре во Делчево ќе се одржи манифестацијата „Пијанечки денови на сливата“, што ја организира делчевската локална самоуправа кон крајот на секоја берба. Во Македонија црната слива најмногу ја има во регионите на Пијанец и на соседниот Малеш, а само во Делчевско е застапена на површина од 700 хектари, од кои во родни години се добиваат и по повеќе од 2.000 тони сливи.

pijanechki denovi na slivata vo delchevo

 

„За жал, поради пролетните мразеви, годинава родот е помал за повеќе од 50 отсто. Некаде насадите беа измрзнати и 90 до 100 отсто, некаде состојбата е малку подобра. Речиси нема семејство во Делчево и во Делчевско што за свои потреби секоја година не прави сливови компоти, мармалади, џемови и, секако, традиционалната сливова ракија. Во палетата производи на делчевските пекарници редовно има и кифли и други бели печива со мармалад и џем од црна слива. Вишокот производство од сопствениците на насади се откупува во компанијата ’Рудине‘, која во Делчево има и ладилник“, вели Тони Стоименовски, советник за локален економски развој во делчевската локална самоуправа.

Според направените процени, пролетните мразеви годинава во Делчевско направиле штета кај овошките, најмногу кај црната слива, од еден милион евра и уште 1,5 милион евра во соседните малешевски општини, Пехчево и Берово. Производителите засега не знаат дали и колку ќе бидат обесштетени, но немаат дилеми дека и понатаму ќе и’ останат верни на сливата. Впрочем, овој крај е идеален за нејзино одгледување и таа тука има повеќевековна традиција. Некогаш целиот вишок од произведената црна слива се носел на солунскиот пазар.

„Токму таа повеќевековна традиција беше мотив да почнеме да ги организираме ’Пијанечките денови на сливата‘. Целта на манифестацијата е да ги промовира и прошири производите што содржат црна слива, да се зголеми бројот на фирми што ги произведуваат, да се унапреди сливопроизводството и економскиот ефект кај овоштарите, а наскоро црната слива и да ја брендираме“, вели Стоименовски.

Централниот дел од „Пијанечките денови на сливата“ почнува во 16 часот во паркот пред делчевскиот спомен-дом „АСНОМ“. На штандовите ќе има разни производи што содржат црна слива, а во повеќе казани на традиционален пијанечки начин ќе се пече и сливова ракија. Општината Делчево како стимул за најуспешните производители и за најдобро и најразновидно опремените штандови ќе додели парични награди. Во музичката програма ќе настапат повеќе културно-уметнички друштва и пејачите Наум Петрески и Зуица Лазова.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close