fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Поплавите ја проголтаа плодната површина во Општина Јегуновце

Секоја година реката Вардар во овој дел на Полошко се излева поради нерегулираното корито и ги поплавува нивите изминативе две децении.

Нивите вдолж течението на река Вардар во Општина Јегуновце, кои беа познати по површини кои раѓаа квалитетни земјоделски култури, сега се суви и погодни како што велат земјоделците, само за ливади.

Секоја година реката Вардар во овој дел на Полошко се излева поради нерегулираното корито и ги поплавува нивите изминативе две децении.

Структурата на земјата е веќе изменета, таа не е ровка, туку сува и претворена како што кажуваат мештаните во пеплиште.

Ристо Бојкоски од село Туденце, го затекнавме како го собираше сеното од нивата покрај реката Вардар. Вели веќе други производи на оваа и на другите ниви кои ги има покрај реката не засадува, затоа што не успеваат. Затоа како тој така и неговите соселани, тука веќе одлучиле да засадуваат луцерка.

-Оваа земја беше карактеристична по раѓање на квалитетни производи, беше ровка, тука што и да засадиш ќе никне, а сега видете каква е земјата претворена во пеплиште, катастрофа. Речиси секоја година има поплави и нормално е земјата да ги изгуби карактеристиките и вредностите, кога истата неколку недели па и повеќе од еден месец е под вода и кал, вели земјоделецот Ристо Бојкоски од село Туденце Општина Јегуновце.

Поради излевање на реката Вардар, дел од селаните останаа без плодна површина, некои пак веќе ги изгубија нивите и истите се веќе составен дел од реката Вардар.

-Нивите мои се веќе под вода. Од година вгодина реката Вардар ги голта нивите и коритото на реката се проширува на сметка на моите и нивите на соселаните од село Копанце. Сега сме останати без ниви, а и другите ниви се плашиме да ги засадиме и таа површина во иднина може да биде дел од реката. Сме се обратиле повеќе пати до надлежните кои само ветувале, ама на терен ништо не работаат. Сега затоа и земјоделците се откажуваа од оваа дејност, вели еден земјоделец од село Копанце Општина Јегуновце.

За решавање не проблемот, односно спречување на излевање на реката Вардар кое се случува при поголеми поројни дождови или во пролетниот период по топењето на снегот, потребно е да се регулира коритото на Вардар, за што Општина Јегуновце има изработено проект и истиот е предаден во владата.

-Единствено Општина Јегуновце од сите полошки општини има изработено проект за регулација на коритото на река Вардар кое е единственото решение за спас на земјоделците од постојаните поплави. Истиот е предаден до Министерството за транспорт и врски и чекаме оттаму одговор дали ќе го одобрат и ќе го финансираат, затоа што се работи за проект кој чини 6 милиони евра, за кој ние како општина немаме пари да го реализираме без помош од државата, изјави градоначалникот на Општина Јегуновце Дарко Блажевски.

Засега од владата нема никакви најави за одобрување на средства за реализација на проектот, иако пред избори секоја власт ветуваше приоритет на овој проект и негова реализација. Селаните како и досега наместо квалитетни традиционални производи како пченка грав и други култури кои ги одгледувале на нивите покрај реката Вардар дури и без да ги наводнуваат, сега ќе мора површините да ги засадуваат со луцерка, или пак како и многу нивни соселани да се откажат од оваа дејност.

Зоран Димовски за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close