fbpx
Агро бизнисВестиВкусот на традицијатаМакедонијаТоп вести

Руралните жени невидливи за институциите

Потребни се итни реформи и промена на законската регулатива.

Руралните жени се невидливи за институциите во државата иако даваат значаен придонес за развојот на локално, регионално и национално ниво и се столбот на кој се потпира репродуктивната, продуктивната и социјалната сфера. Но, за жал за да се промени оваа слика потребни се итни реформи, промена на законската регулатива и зголемување на правата и можности на руралните жени.

Бидејќи кај нас воопшто не се ни прават подетални анализи за улогата на македонската рурална жена, ЛАГ Агро Лидер-Кривогаштани, а со поддршка на Фондацијата Отворено Општество Македонија ја промовираше публикацијата „Положбата на руралните жени во македонското општество“.

-Во оваа публикација концептот на рурална жена е жена која живее во рурална средина и има земјоделски активности. Положбата на руралната жена е се уште неповолна од аспект на социјалната и здравствена заштита, има недоволна институционална поддршка во руралните средини, се соочуваат со ограничен пристап во информации и институции, немање на пристап до претставници на институциите во руралните средини, немање на доволно работни позиции за квалификуваните жени во руралните средини, неможноста да пристапат до центри за ран детски развој, до градинки за да можат да најдат подобро вработување и да остваруваат приход, немањето на установи за згрижување на деца со попреченост, немањето на услуги за поддршка на стари лица во домот, немањето на социјален работник во руралните средини, сето тоа се одразува врз положбата на руралната жена, вели Марина Тошеска, ЛАГ Агро Лидер-Кривогаштани.

Истражувањето за оваа публикација се правеше во септември и октомври лани, а се продолжи и со дополнително истражување во текот на март оваа година. Од ЛАГ Агро Лидер велат дека руралните жени се невидливата нишка за одржлив развој на руралните заедници. Македонија е земјоделска држава, каде земјоделството учествува со 10% во БДП. Но, во последните години и покрај програмите и мерките наменети за земјоделците се забележува тренд на намалување поради миграцијата од селата.
-Доколку ги поддржиме жените во руралните средини правиме еден голем исчекор кон рамномерен развој и создавање на еднакви можности во сите заедници. Дел од жените во руралните средини патуваат и по 30 км, за да остварат некое право од социјална или здравствена заштита или да отидат во Агенцијата за вработување за да дознаат за мерките кои им се нудат. Тука се нагласува фактот што жените во руралните средини немаат свои возила и возачки дозволи, користат јавен превоз, а во време на ковид пандемијата и тој беше ограничен. Во руралните средини патната инфраструкткура не е во добра состојба, нема банки, пошти, сите овие работи влијаат негативно за да може жената да се развива и максимално да го даде својот придонес за развој на заедницата. Голем проблем е и недоволниот пристап до информации, несвесноста за можностите кои се нудат за здравственото и пензиското осигурување. Голем  дел од руралните жени немаат пензиско и социјално осигурување, здравствено осигурување немаат на нив туку користат од сопругот. Не се запознати ниту со мерките кои може да ги користат, додава Тошеска.

Во помалите локални заедници жените речиси и да не учествуваат во процесот на креирање на политики. Исто така од 178.000 регистрирани земјоделски стопанства само на 38.000 се носители жени, а тоа е доказ дека мал е процентот на жените во земјоделието кој што е препознаен од институциите. Најголемиот дел од руралните жени се статистички невидливи и се дел од таа неформална економија каде земјоделството учествува со 52,3% од неформалната економија во Македонија.

-Државата во последниве неколку години направи некои напори, од кои беше креирањето на мерката 115 за поддршка на жените во руралните средини, за да се вклучат во економски активности и да генерираат приход, но она што ни недостасува е тоа што ние имаме добро законодавство, но слаба имплементација на терен. Потребна е вистинска поддршка за овие жени. Од аспект на менторска поддршка, тука ја имаме и патријархалната матрица, стереотипизацијата, а од друг аспект пак е потребна поголема активност на терен и од самите граѓански организации, за да ние бидеме гласот на жените од руралните средини, кои се воздржуваат да го кажат својот глас. Пример тие може да се регистирани како индивидуален земјоделец, имаат право да користат примарна здравствена заштита, но им е одземено правото да користат право на платен надоместок при болест. Ова особено се покажа за време на пандемијата кога и онака се продлабочи нивната економски неповолна состојба, вели Тошеска.

Токму поради целата ова ситуација од ЛАГ Агро Лидер сметаат дека е потребна промена на целокупната законска регулатива која ги штити жените земјоделки, како што се Законот за работни односи, Закон за здравствена заштита, Закон за социјална заштита, за да се изнајде оптимално решение како да се креираат закони и мерки кои ќе ги поддржат овие жени за да нивниот труд конечно стане видлив.

-Ние забораваме дека со самата миграција се намалува БДП од земјоделството, руралните средини се повеќе осиромашуваат, најголемиот дел од сиромашното население според нашите статистики покажува дека се во рурални средини во семејства кои што не се веќе во земјоделска дејност. Ако не им се даде дополнителна поддршка во земјоделието на овие жени, затоа што и да сакаме за друго нешто не можеме, бидејќи таму нема фабрики, уште повеќе ќе се продлабочува овој проблем, истакна Тошеска.

Без поцврста соработка и заедничко делување на јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор не е можно подобрување на положбата на руралната жена кај нас. Потребни се итни мерки, за да не биде предоцна и да не се зголеми уште повеќе миграцијата од селата поради лошите услови за живот.

 

Дарко Штаргоски за Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close